
Проектот за филтер-станицата на изворот Вруток, која е дел од гостиварскиот водоводен систем, е завршен во 2014 година, по што со записник за примопредавање е предаден на управување на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Гостивар, изјави денеска министерот Муамет Хоџа.
На прес-конференција посветена на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, Хоџа одговараше на новинарски прашања поврзани со реализацијата на проектот, кој бил спроведен со поддршка на Швајцарската амбасада, како и за надлежностите околу управувањето со објектот.
Тој информираше дека проектот започнал во 2011 година и бил целосно реализиран во 2014 година.
„Доколку зборуваме за проектот за филтер-станицата во рамките на изворот Вруток, односно за гостиварскиот водовод, проектот е почнат во 2011 година, а е завршен во 2014 година“, изјави Хоџа.
Министерот нагласи дека по неговото завршување бил изготвен записник за примопредавање, со кој објектот официјално бил предаден на стопанисување на ЈКП „Комуналец“, кое работи во рамките на Општина Гостивар.
„За истиот постои записник за примопредавање, по што објектот е предаден на стопанисување на Јавното комунално претпријатие ‘Комуналец’, кое функционира во рамките на Општина Гостивар“, рече Хоџа.
Изјавата доаѓа во период кога јавноста бара одговори за функционирањето и безбедноста на гостиварскиот водоводен систем, по последните случувања поврзани со квалитетот на водата за пиење во општината.



