Утрински Весник
Македонија

Жерновски: Каков мандат, таков извештај – катастрофата на Мицкоски потврдена од Брисел

Andrej zhernovski sdsm.jpeg

Катастрофалниот извештај на Европската комисија е директен одраз на резултатите од владеењето на Мицкоски и ВМРО-ОКГ, порача секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека оценките од Брисел ги потврдуваат предупредувањата на СДСМ за распространетата корупција, политичките притисоци врз правосудството и медиумите и закочениот европски пат.


„Катастрофата во која Мицкоски и неговите нè втурнаа овие две и пол години се одразува директно и во Извештајот. Нема никаква тајна околу овие извештаи. Каков мандат, каков резултат на вашиот мандат, такви и извештаи добиваме од Брисел и затоа сè ова што е набележано во Извештајот можеме накратко директно да го оцениме како катастрофа”, истакна Жерновски.

Тој посочи дека особено загрижуваат оценките во областите што се суштински за функционирањето на демократска држава и за напредокот кон Европската Унија.

„Она што загрижува е што имаме нула напредок во корупцијата и во борбата против корупцијата. Имаме нула напредок во она што беше борба за да имаме добри јавни набавки. Тука немаме никаков напредок. Лоша е, катастрофална состојбата. Нула напредок имаме и кај слободата на медиумите. Судството е под политичка опсада и без пари. Медиумите се под притисок, а земјоделството е пред колапс”, нагласи тој.

Жерновски порача дека власта ги поткопува институциите, додека корупцијата останува еден од најголемите проблеми во државата.

„Власта го зароби судството, го задуши медиумскиот простор и ја остави корупцијата недопрена, а корупцијата го јаде обвинителството, го јаде судството, го јаде општеството во целост”, рече секретарот за меѓународна соработка на СДСМ.

Тој подвлече дека немањето напредок во Кластерот 1, кој се однесува на темелите на пристапниот процес, ја покажува длабочината на проблемите што ги создава оваа власт.

„Имаме нула напредок во седум области. Меѓутоа, она што посебно загрижува е што најважниот кластер е Кластерот 1, тој се однесува на темелите и директно ги набележува недостатоците или немањето каков било резултат на оваа влада. Реков, се констатира застој во борбата против корупцијата, слободата на изразување и јавните набавки, но придружени со директни политички притисоци и врз правосудството и врз медиумите”, потенцираше Жерновски.

Осврнувајќи се на работата на Собранието, тој посочи дека зголемената употреба на скратените законодавни постапки е уште една потврда за предупредувањата на пратениците на СДСМ.

„Парламентот, за жал, е претворен во институција којашто ѝ служи само на Владата. Делумно ефикасно ја извршува својата функција. Така оценува Комисијата, а употребата на скратените законодавни постапки повторно е зголемена, на што нашите пратеници редовно укажуваат во Собранието, односно на тоа како се злоупотребува таа процедура”, истакна тој.

Жерновски нагласи дека критиките во извештајот се однесуваат и на проблемите што граѓаните секојдневно ги чувствуваат: слабото управување со јавните инвестиции, неформалната економија и иселувањето на квалификуваната работна сила.

„Меѓутоа, сè тоа што го зборуваме и сè тоа што Европската комисија го набележува во овој Извештај граѓаните многу добро го знаат, бидејќи многу добро знаат како живеат денеска, благодарение на ‘резултатите’ на владата на Мицкоски!”, порача Жерновски.

Тој заклучи дека владеењето на Мицкоски ја оддалечува државата од ЕУ и го влошува животот на граѓаните.

„Имаме криминална власт којашто целосно сака да го контролира судството и врши притисок врз судството. Криминалот и корупцијата се во врвот на агендата. Европскиот пат, како што гледаме, е максимално закочен, а стандардот на граѓаните опаѓа, што значи дека и квалитетот на живот станува сè полош. Накратко кажано, сè оди надолу, сè е полошо и полошо”, нагласи секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски.

Можете да прочитате

На граѓани им се слошило пред Алта банка во Битола, Брзата помош интервенирала неколкупати

ДУИ: Еден од најнегативните извештаи на Европската комисија – политиките на Владата ја враќаат земјата назад

ОЈО и МВР ја потврдија акцијата во Куманово: Се вршат претреси на повеќе локации