
Поранешниот премиер Никола Груевски преку објава на социјалните мрежи остро реагираше на изјавите на министерот за правда во врска со можната постапка за негова екстрадиција од Унгарија.
Груевски посочи дека внимателно го следел денешното излагање на министерот, кој говорел за собирање информации од судовите и за чекање на новата власт во Унгарија, со цел да се информира за неговиот статус и евентуално да започне постапка за екстрадиција.
Во својата реакција, Груевски праша „кој е на власт во Македонија“, додавајќи дека, според него, актуелните потези наликуваат на политики од времето на претходната власт.
Тој го повика министерот, наместо да се фокусира на неговите предмети, да ги испита, како што наведува, злоупотребите, незаконските постапки и политичкиот прогон што се случувале во периодот на владеењето на СДСМ и Зоран Заев.
Груевски повторно ги оспори судските процеси против него, тврдејќи дека станувало збор за монтирани случаи, политички мотивирани обвиненија и пресуди донесени под притисок.
Во објавата тој ги спомена предметите поврзани со службеното возило „Мерцедес“, случаите за плацеви, станови, протестите пред Општина Центар, како и проектот за автопатот Кичево-Охрид, тврдејќи дека обвиненијата биле неосновани.
Поранешниот премиер оцени дека еден ден, како што наведе, „парадијата на правосудниот систем“ ќе биде согледана и од Европската Унија од вистински агол.
На крајот, Груевски порача дека министерот за правда треба да постапува според совеста и законите, а не да стане дел од, како што рече, „валкана игра од минатото“.


