
Во рамките на кампањата за поттикнување на читачките вредности и навики кај децата, „Читањето е супермоќ”, издавачката куќа „Арс Ламина” распишува конкурс за суперчитатели од основните училишта. Во периодот од 14 до 22 мај 2026 година, на адресата libi@arslamina.com се очекуваат номинациите од училиштата за тројца ученици кои во учебната 2025/2026 година се истакнале како суперчитатели, односно покажуваат најголем афинитет кон читањето, изнајмиле најмногу книги од училишната библиотека, имаат континуирани читачки навики и особен интерес за книги и литература.
При конкурирањето, потребно е да бидат наведени следните податоци: име и презиме на ученикот, ментор, одделение и училиште, како и поштенска адреса и телефонски контакт (од наставник или родител). Исто така, ќе бидат наградени и менторите, а ќе се избере и супербиблиотека од училиштата.
Победниците ќе бидат соопштени и наградени на литературно-музичкиот настан „Читањето е супермоќ”, кој ќе се одржи на 28 мај (четврток), со почеток во 11 часот, во „Литература.мк” во „Дајмонд мол”. На хепенингот ќе настапат ученици од неколку училишта.
Главната мисија на кампањата „Читањето е супермоќ”, која издавачката куќа „Арс Ламина” ја спроведува веќе осма година, е поттикнување на читачките навики кај децата.
Целите на кампањата се: подигнување на јавната свест за значењето на читањето од најрана возраст, негување на мајчиниот јазик, поттикнување на читањето и унапредување на читачките вештини, понуда на квалитетно поминато време надвор од новите технологии, како и образовна поддршка преку збогатување на наставната програма и активностите на училишните библиотеки.


