
Претседателката на СДММ, Стефанија Кузмановска, побара зголемување на субвенционираниот студентски оброк од 140 на 200 денари и обезбедување достоинствени услови во студентските домови. На прес-конференција таа обвини дека студентите во „Стив Наумов“ се соочуваат со сериозни проблеми и по реконструкцијата.
Според Кузмановска, во домот имало протекување вода, влага, недостиг од греење и топла вода, а последниот дефект бил пукање на бојлер. Таа наведе дека нема повредени.
„Ова ли е домот од А-категорија што го ветуваа Јаневска и Мицкоски?“, праша Кузмановска.
Таа го критикуваше и износот што студентите го плаќаат за сместување. Според нејзините наводи, месечната партиципација е зголемена на 6.600 денари, додека условите не одговараат на ветувањата за целосно реновиран дом.
Кузмановска обвини дека со вториот ребаланс на Буџетот се намалени средствата за образование, како и за реконструкција и енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови. Таа оцени дека изостанува и потребната финансиска поддршка за секојдневните трошоци на студентите.

„СДММ е со студентите. Бараме зголемување на студентскиот оброк на 200 денари, тоа е минимумот за пристоен и здрав оброк“, порача Кузмановска.


