Утрински Весник
Свет

Анкета: Мишел Обама има поголеми шанси од Бајден да го победи Трамп на изборите

Michelle Obama.jpg

Во случај Џо Бајден да се откаже од претседателската кандидатура по лошиот настап на минатонеделната дебата со Доналд Трамп, поранешната прва дама Мишел Обама е единствената можност за демократите која според анкетите би го победила Трамп, покажува истражувањето на „Ипсос“.

Мишел Обама, исто така, се наоѓа на врвот на листата на популарност меѓу регистрираните гласачи, додека Трамп и Бајден заостануваат зад неа за повеќе од 10 процентни поени. На прашањето дали Трамп или Бајден треба да се повлечат од кандидатурата по дебатата, речиси тројца од петмина испитаници се согласуваат дека Бајден треба да се повлече, а нешто помалку од половина го кажале истото за Трамп.

Трамп и Бајден остануваат изедначени меѓу регистрираните гласачи за претседателските избори во ноември. Во други хипотетички дуели меѓу демократите и Трамп, само Мишел Обама има предност пред Трамп меѓу регистрираните гласачи.

На прашањето за кого би гласале на претседателските избори во ноември, 40 отсто од регистрираните гласачи би гласале за Бајден, а 40 отсто за Трамп. Овој однос е постојан од крајот на мај 2024 година, кога 41 процент биле за Бајден, а 39 отсто за Трамп.

На прашањето за можни кандидати на демократите против Трамп, 50 проценти од регистрираните гласачи велат дека би гласале за Мишел Обама.

Сите други можни демократски кандидати имаат слични или полоши резултати од Бајден против Трамп. Потпретседателката Камала Харис би освоила 42 проценти од регистрираните гласачи наспроти 43 отсто за Трамп. Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, би освоил 39 проценти од регистрираните гласачи наспроти 42 отсто за Трамп. Сите останати демократски кандидати имаат помеѓу 34 отсто и 39 отсто потенцијални гласови меѓу регистрираните гласачи.

Мишел Обама е единствената од сите понудени кандидати во анкетата која ужива позитивно мислење од повеќе од половината испитаници. За 55 отсто од испитаниците Обама е позитивна политичарка.

Сепак, треба да се напомене дека поранешната прва дама неколкупати јасно изјавила дека нема намера да се кандидира на изборите, а претходно ја нарече работата на претседателот стресна и исцрпувачка, нешто што „не би сакала да си го дозволи“. Во меѓувреме, Белата куќа исклучи каква и да е можност за Бајден да се повлече од изборната трка.

Можете да прочитате

Фон Дер Лајен повторно избрана за претседателка на Европската комисија

Италијанска новинарка мора да и плати на Мелони 5.000 евра поради исмевање на нејзината висина

Властите во Парагвај открија повеќе од четири тони кокаин скриени во пратка шеќер