Утрински Весник
Свет

Прв случај во светот: Пациент во Франција почина по зараза со добиточниот вирус Шамонда

Kravi.webp.webp

Вирусот Шамонда, за кој досега се знаеше дека циркулира единствено меѓу добитокот, за првпат е откриен кај човек – пациент со тешко нарушен имунолошки систем, кој починал во Франција на почетокот на октомври, соопштија вчера француските власти, нагласувајќи дека нема опасност за пошироката популација.

Според заедничкото соопштение на министерствата за здравство и за земјоделство, овој прв случај на зараза на човек со вирусот претставува „исклучителен настан кај пациент со тешко нарушен имунолошки систем“, кој се лекувал во Лион од сериозна здравствена состојба. Иако властите официјално не го потврдија идентитетот, весникот „Ле Прогре“ објави дека станува збор за маж на возраст од околу шеесет години.


Се верува дека починатиот се заразил во источна Франција, каде што вирусот циркулирал меѓу животните во текот на пролетта и летото оваа година.

Вирусот Шамонда го пренесуваат ситни мушички, главно меѓу говедата, а се шири преку нивните убоди. Тој за првпат бил идентификуван во Нигерија во средината на 1960-тите години, а оттогаш повремено се појавувал кај животните во Африка и Јапонија. Годинава првпат беше откриен и во неколку европски земји, но досега француската влада и научната заедница сметаа дека тој не може да се пренесе на луѓето.

„Во моментов нема научни податоци што би укажувале на пренесување на вирусот Шамонда преку консумирање месо, млеко или млечни производи“, соопшти Министерството за земјоделство, додавајќи дека производите добиени од болни животни секогаш редовно се исклучуваат од синџирот на снабдување со храна. 

Можете да прочитате

Училиштата и продавниците се затворени во Тајван поради тајфунот Чампи

Голема британска банка отпушта 5000 работнции, дел ќе бидат заменети со АИ

Германската армија предупредува на сериозна закана од руска саботажа