Утрински Весник
Македонија

Ангелов: Повеќе од 60 луѓе го гасат пожарот кај с. Белица во М. Брод, куќите нема да бидат загрозени

Angelov.webp.webp

Пожарот кај селото Белица во општина Македонски Брод и натаму е активен, а на терен се повеќе од 60 луѓе кои се обидуваат да го стават огнот под контрола. Во гаснењето се вклучени тимови на ЈП „Јасен“, екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, како и доброволци.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, уверува дека нема опасност пожарот да стигне до селото.


„Селото во никој случај нема да биде загрозено. Огнот е далеку од селото“, изјави Ангелов.

Тој информира дека на терен дејствуваат тимови на ДЗС со возила „пинцгауер“, како и тимови составени од доброволци. Со дувалки се работи на создавање противпожарни појаси на местата каде што постои опасност огнот да навлезе во квалитетна борова шума.

Според Ангелов, во моментов на терен има повеќе од 60 луѓе од Скопје и Македонски Брод кои се ангажирани во справувањето со пожарот.

Во меѓувреме, според Центарот за управување со кризи, до 13 часот на територијата на Македонија се регистрирани 12 пожари. Пет од нив се активни, пет се под контрола, а два се целосно изгаснати.

Дополнителна надеж за стабилизирање на состојбата со пожарите се очекува да донесат и најавените врнежи. Управата за хидрометеоролошки работи информираше дека има нестабилност во западните делови од земјата, со поинтензивни врнежи во Кичевскиот регион и северозападните планински предели. Нестабилноста се движи од југозапад кон североисток.

Можете да прочитате

Еден загинат и тројца повредени е епилогот од вчерашната сообраќајка кај Стража

Левица: ДПМНЕ мисли дека народот е идиот – итно да се објават сите документи за 5,5 милиони евра народни пари!

СДСМ: Нема откуп, грозјето скапува, лозарите ги копачат насадите – власта не носи мерки