
Без оглед на тоа кој ќе стане нов претседател на Бугарија, не треба да се очекува значителна промена на позицијата на Софија кон Северна Македонија. Ова го оценува новинарот Румен Скрински од „Актуелно“, кој во разговор за „Ноќно студио“ на 4ТВ се осврна на претседателската кампања и на очекувањата за односите меѓу двете земји.
Според Скрински, водечките претседателски кандидати во текот на кампањата не најавиле отстапување од досегашната бугарска државна политика кон земјава.
„За време на кампањата не слушнав ниту една од водечките двојки, според социолошките истражувања, да смени некаков став во однос на државната позиција на Бугарија кон Република Северна Македонија“, вели тој.
Неговата проценка е дека Софија ќе продолжи да инсистира на францускиот предлог и на почитување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Во тој контекст, смета дека изборот на нов шеф на државата сам по себе нема да донесе пресврт во билатералните односи.
„Не очекувам, без оглед кој ќе стане претседател на земјата, да има некаква значителна промена“, посочува Скрински.
Во однос на европската интеграција на Северна Македонија, тој оценува дека бугарскиот пристап ќе остане врзан за исполнувањето на барањата што Софија ги поврзува со билатералните договори и со преговарачката рамка со Европската Унија.
Скрински се осврна и на поддршката што Илијана Јотова ја добила од бугарските државјани што гласале во Северна Македонија. Според неговото толкување, дел од објаснувањето можеби лежи во нејзините јавни настапи и во начинот на комуникација со гласачите.
Притоа, тој нагласи дека не зборува во име на избирачите, туку изнесува сопствена проценка за нивното изборно однесување.
„Се разбира, не можам да зборувам од ничие име“, рече Скрински.
Тој ги опишува ставовите со кои Јотова настапувала во јавноста како урамнотежени, аргументирани и на моменти конзервативни. Оценува дека таквиот пристап можеби создава чувство на сигурност кај дел од гласачите.

Нејзиниот стил на комуникација го поврзува и со искуството во новинарството и во Европскиот парламент. Според Скрински, дипломатскиот јазик, без нагласена конфронтација, можеби придонел дел од бугарските државјани што гласале во Северна Македонија да ѝ ја дадат довербата.


