
Преку писмо до министерот за заштита на граѓаните на Грција Михалис Хрисохоидис, кој е надлежен за полицијата, градоначалникот на Атина Харис Дукас, бара итни мерки за справување и спречување на кражбите на бакарни цевки и кабли од криминални групи во градот, посочувајќи дека досега се украдени девет километри кабли од уличното осветлување и поднесени десетици пријави за кражби на бакарни цевки, јави дописничката на МИА од Атина.
Кражбата на бакарни цевки од инсталацијата за природен гас беше причината за експлозијата што на крајот од септември се случи во центарот на Атина, при што се урна двокатна зграда и животот го загубија шест лица, а Дукас во писмото пишува дека само во последната година биле доставени 70 пријави против организирани групи за кражби на бакар.
– Но, овие кражби се однесуваат и на мрежата за улично осветлување на нашиот град. Според процените на нашите служби, украдени се девет километри кабли за улично осветлување, што предизвика големи прекини на осветлувањето, дури и на главни улици и плоштади, како и сериозни оштетувања на инфраструктурата, со вкупна штета од стотици илјади евра, пишува атинскиот градоначалник.
Додава дека „оваа состојба не може да продолжи“, посочува дека неконтролираното дејствување на криминалните групи треба веднаш да биде спречено и бара соработка и организирање заеднички патроли на грчката полиција и општинската полиција, за што смета дека „може да функционира позитивно како во одвраќањето на групите, така и во справувањето со криминалната активност во градот“.
Паралелно, бара средба со Хрисохоидис во најкраток можен рок, за, како што пишува, да ги донесат неопходните одлуки.


