Утрински Весник
Магазин

Оваа грешка ја правиме речиси по секое големо пазарување, а поради неа губиме пари

Screenshot 2026 11 02 161513.jpg

Големото пазарување често создава чувство дека сме заштедиле пари, особено кога купуваме производи на попуст. Но, неколку дена подоцна, дел од храната завршува во канта за отпадоци затоа што не сме успеале навреме да ја искористиме. Токму оваа навика претставува еден од главните проблеми со непотребното фрлање храна во домаќинствата.

Според најновите податоци на Евростат, во Европската Унија во 2024 година биле создадени 57,9 милиони тони отпад од храна, што претставува просечно 129 килограми по жител.


Особено загрижува податокот дека дури 53 проценти од вкупниот отпад од храна настанува во домаќинствата. Тоа значи дека во просек на секој жител на ЕУ отпаѓаат околу 69 килограми отпад од храна годишно.

Во овие количини се вклучени и деловите од храната што не се јадат, како лушпи и коски.

Европската комисија предупредува дека меѓу главните причини за фрлањето храна се недоволното планирање на оброците, купувањето поголеми количини од потребните, неправилното чување на намирниците и погрешното разбирање на роковите на употреба.

Проблемот често започнува уште пред да влеземе во продавница.

Многу потрошувачи купуваат производи само затоа што се на акција, без претходно да проверат дали навистина им се потребни. Така, попустот од 30 или 40 проценти може да изгледа како добра заштеда, но доколку дел од производите завршат во отпад, финансиската корист исчезнува.

Според Европскиот форум за отпад од храна, меѓу групите намирници што најчесто се фрлаат се зеленчукот, овошјето и житарките.

Свежите производи се особено чувствителни бидејќи имаат ограничен рок на употреба. Често се случува да купиме повеќе овошје и зеленчук отколку што можеме да потрошиме, па дел од нив се расипуваат пред да бидат искористени.

Експертите препорачуваат пред секое поголемо пазарување најпрво да се провери содржината на фрижидерот и кујнските шкафови.

Потоа треба да се испланираат оброците за следните неколку дена и да се состави список само со производите што недостигаат.

Важен е и начинот на распоредување на храната во фрижидерот.

Европската комисија го препорачува едноставното правило „старото напред, новото назад“. Тоа значи дека производите што се купени порано треба да бидат поставени на повидливо место, за да се искористат пред новите.

Дополнително, многу граѓани не ја разбираат разликата меѓу ознаките „употребливо до“ и „најдобро да се употреби до“.

Првата ознака се однесува на безбедноста на храната и по истекот на тој рок производот не треба да се консумира. Втората ознака се однесува на квалитетот, што значи дека производот не мора автоматски да биде небезбеден по наведениот датум, доколку бил правилно чуван.

Еден од начините да се избегне непотребното фрлање храна е и навременото замрзнување на производите што нема да бидат искористени веднаш, доколку се погодни за замрзнување.

Ова особено важи за свежото месо и за одредени подготвени јадења. При одмрзнување, експертите препорачуваат храната да се остави во фрижидер, наместо на собна температура.

Пораката на експертите е дека вистинската заштеда не се мери само според тоа колку сме платиле на каса, туку и според тоа колкав дел од купената храна навистина ќе го искористиме.

Со подобро планирање, правилно складирање и купување реални количини, домаќинствата можат истовремено да ги намалат трошоците и количините храна што завршуваат во отпад.

Можете да прочитате

Честото попладневно спиење може да биде ран знак на деменција, открива нова студија

Сите правиме грешка при подготовката на кафе

Во ресторани на Сардинија почнува едномесечна пробна програма „Ручек без екрани“