Утрински Весник
Македонија

Јаневска: Имаме лоша демографија, празните училници се последица на помалиот број раѓања

Img 4580.jpeg

Промената на животниот стил, амбициите и желбата за полагоден живот се дел од причините за намалувањето на бројот на бракови и влошувањето на демографската слика во земјава, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Осврнувајќи се на демографските предизвици, Јаневска посочи дека намалувањето на бројот на бракови и раѓања не е појава карактеристична само за Македонија, туку тренд што се забележува и пошироко.


Според неа, современиот начин на живот, променетите улоги во семејството, личните амбиции и желбата за полесен и покомфорен живот влијаат врз одлуките на луѓето за стапување во брак и формирање семејство.

Јаневска посочи и на избегнувањето на одговорноста како еден од факторите кои, според неа, имаат влијание врз ваквите трендови.

Истовремено, министерката нагласи дека економската состојба и вработеноста се важни, но не и единствени фактори кои ја определуваат демографската слика.

„Не можеме да се мешаме во личните одлуки на луѓето, но факт е дека имаме лоша демографија. Кога би имале поголем број раѓања, немаше да се соочуваме со празни училници и потреба од оптимизација во образованието. На државата ѝ се потребни млади луѓе кои утре ќе бидат дел од општеството и ќе го градат“, порача Јаневска.

Негативните демографски движења, според министерката, директно се одразуваат и врз образовниот систем. Помалиот број деца значи и помал број ученици, празни училници и потреба од приспособување и оптимизација на образовната мрежа.

Јаневска нагласи дека државата има потреба од млади генерации кои во иднина ќе бидат активен дел од општеството и ќе придонесуваат за неговиот развој, но истовремено потенцираше дека одлуките поврзани со бракот и семејството остануваат личен избор на граѓаните.

Можете да прочитате

Јаневска: Децата ќе ги завршуваат обврските од 8 до 16:30 во училиште, дома ќе имаат време за семејството

Јаневска: 252 студенти се одбиени, дел поднеле некомплетна документација

Јаневска: Студентскиот дом „Стив Наумов“ го направивме хотел А категорија