Утрински Весник
Македонија

Јаневска: Имаме лоша демографија, празните училници се последица на помалиот број раѓања

Img 4580.jpeg

Промената на животниот стил, амбициите и желбата за полагоден живот се дел од причините за намалувањето на бројот на бракови и влошувањето на демографската слика во земјава, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Осврнувајќи се на демографските предизвици, Јаневска посочи дека намалувањето на бројот на бракови и раѓања не е појава карактеристична само за Македонија, туку тренд што се забележува и пошироко.


Според неа, современиот начин на живот, променетите улоги во семејството, личните амбиции и желбата за полесен и покомфорен живот влијаат врз одлуките на луѓето за стапување во брак и формирање семејство.

Јаневска посочи и на избегнувањето на одговорноста како еден од факторите кои, според неа, имаат влијание врз ваквите трендови.

Истовремено, министерката нагласи дека економската состојба и вработеноста се важни, но не и единствени фактори кои ја определуваат демографската слика.

„Не можеме да се мешаме во личните одлуки на луѓето, но факт е дека имаме лоша демографија. Кога би имале поголем број раѓања, немаше да се соочуваме со празни училници и потреба од оптимизација во образованието. На државата ѝ се потребни млади луѓе кои утре ќе бидат дел од општеството и ќе го градат“, порача Јаневска.

Негативните демографски движења, според министерката, директно се одразуваат и врз образовниот систем. Помалиот број деца значи и помал број ученици, празни училници и потреба од приспособување и оптимизација на образовната мрежа.

Јаневска нагласи дека државата има потреба од млади генерации кои во иднина ќе бидат активен дел од општеството и ќе придонесуваат за неговиот развој, но истовремено потенцираше дека одлуките поврзани со бракот и семејството остануваат личен избор на граѓаните.

Можете да прочитате

Уапсен радовишанец кај кого била најдена марихуана

82 години Народен театар Битола, 12. Битола Шекспир фестивал

Констатирани 19 кривични дела „безобѕирно управување со моторно возило“ во изминатото деноноќие, уапсени 17 лица