Утрински Весник
Македонија

Јаневска: Децата ќе ги завршуваат обврските од 8 до 16:30 во училиште, дома ќе имаат време за семејството

Img 4581.jpeg

Ниту еден наставник со договор на неопределено време не останал без работа по фузијата на околу 450 паралелки во основното и средното образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето на 4ТВ.

Според неа, вишокот наставен кадар што се појавува како резултат на оптимизацијата на училишната мрежа треба да биде апсорбиран преку постепеното воведување целодневен престој за учениците низ целата држава.


Планот е учениците да престојуваат во училиштата од 8 до 16:30 часот. Покрај редовната настава, во текот на денот би имале слободни и интерактивни активности, различни секции, како и време за изработка на домашните задачи.

„Престојот во училиште не значи само учење. Таму децата ќе можат да изучуваат странски јазици, балет или спорт, а кога ќе си заминат дома, нема да имаат дополнителни обврски или тешки ранци, туку ќе можат целосно да му се посветат на семејството. Светските истражувања јасно покажуваат дека децата кои минуваат повеќе време во училишна средина постигнуваат значително подобри резултати“, објасни Јаневска.

Целодневниот престој, според најавите, треба истовремено да овозможи поинаква организација на образовниот процес и ангажирање на наставниот кадар кој би се појавил како вишок при спојувањето на паралелките.

Јаневска се осврна и на инфраструктурните услови потребни за спроведување на едносменска настава. Според податоците што ги изнесе, повеќе од половина од училиштата во земјава веќе работат во една смена – 583 основни и 37 средни училишта.

Како најголем предизвик во овој процес останува Скопје, пред сè поради постојаните миграции и поголемата концентрација на ученици во одредени населби и училишта.

Министерката посочи дека се работи на надминување на проблемот преку доградба на нови училници и проширување на постојните училишни капацитети.

Според Јаневска, за резултатите од реформите во образованието да можат реално да се оценат, неопходен е континуитет. Таа смета дека честото менување на образовните политики со секоја нова политичка гарнитура не остава доволно време една реформа целосно да се спроведе и да ги покаже своите ефекти.

Потребно е, како што посочи, барем една целосна генерација да помине низ реформите за потоа да може да се направи реална проценка на постигнатите резултати.

Можете да прочитате

Јаневска: Имаме лоша демографија, празните училници се последица на помалиот број раѓања

Јаневска: 252 студенти се одбиени, дел поднеле некомплетна документација

Јаневска: Студентскиот дом „Стив Наумов“ го направивме хотел А категорија