Утрински Весник
Македонија

Од партиска држава кон институционална држава, најголемиот предизвик на македонската демократија

Adria forum 0424 251007 vid.jpg

Пишува: проф д-р Иван Анастасовски

Македонската демократија денес не се соочува само со прашањето кој ќе ја има политичката власт, туку со многу посуштинско прашање: “Дали државата може да стане посилна од партиите што ја управуваат“?

Ова претставува едно од клучните прашања за иднината на македонското општество. Демократијата не се мери само со одржување избори, бројот на политички партии или со смената на власта, туку вистинската демократска зрелост се гледа тогаш кога институциите функционираат независно од тоа кој е на власт, кога законите важат еднакво за сите и кога јавниот интерес е над партискиот интерес (засега ова е утопија).

Проблемот на партизацијата не започнува и не завршува со една политичка партија, туку тој процес кај нас во Македонија претставува системски проблем. Кога политичката припадност станува поважна од професионалноста, кога институционалната лојалност се заменува со партиска лојалност и кога јавната функција се доживува како награда, тогаш државата постепено ја губи својата институционална автономија.

Партијата треба да ја освојува власта, но не и државата

Токму тука се наоѓа границата меѓу демократијата и партизацијата. Во демократски систем политичките партии имаат легитимно право да управуваат со државата врз основа на изборната волја на граѓаните. Но, тие немаат право институциите да ги претвораат во продолжена рака на партиските структури, штио кај нас е редовна пракса без оглед дали се едните или другите на власт, па дури се оди подлабински да тоа го зло(употребуваат) албанските партии кои се секогаш дел од власта.

Силната држава не е онаа во која власта има најголема политичка моќ. Силна држава е онаа во која институциите имаат доволно независност и професионален капацитет да функционираат и кога политичката власт се менува.
Затоа, вистинскиот тест за секоја власт не е како се однесува кон институциите додека е на власт, туку какви институции остава зад себе кога ќе ја напушти власта. Институциите не смеат да бидат изборен плен тие треба да се професионализираат. Една од најопасните последици од прекумерната партизација е создавањето чувство дека секоја промена на власта мора да значи и промена на луѓето во институциите, за ова америчкиот модел е многу функционален и прагматичен, при промена на власт. Па затоа, политизацијата создава нестабилност, ја намалува професионалноста и испраќа погрешна порака до граѓаните, а тое е дека успехот не зависи од знаењето и резултатите, туку од политичката блискост.

Затоа е неопходно јасно да се одвои политичката од професионалната одговорност. Тоа во пракса би значело дека политичките функции треба да бидат предмет на изборната волја, но професионалните институции мора да се темелат на компетентност, закон, интегритет и мерливи резултати.

Довербата во институциите е еден од најважните капитални ресурси на секоја демократија. Факт е тоа дека, ние граѓаните не очекуваме нашата државата да биде совршена, но очекуваме таа да биде правична и еднаква за сите. Очекуваме дека институциите ќе реагира без оглед на партиската припадност, економскиот статус или политичките контакти.
Затоа кога граѓаните ќе почувствуваат (а тоа е веќе евидентно) дека законите не се еднакви за сите, тогаш се создава најопасната форма на политичка апатија, односно владее уверување дека ништо не може да се промени. Тогаш граѓанинот престанува да бара институционално решение и почнува да бара „врска“, „човек“ или „партија“ што ќе му го реши проблемот. А токму тоа е спротивно на идејата за институционална држава.

Исто така, нам не ние е потребно општество во кое граѓаните ќе бидат лојални кон институциите затоа што се плашат од нив, туку потребно е општество во кое граѓаните ќе им веруваат на институциите затоа што тие функционираат професионално и правично. Ова во принцип би значело дека мора да изградиме нова политичка култура, каде политичарот треба да разбере дека функцијата е привремена, а институцијата трајна или што би рекол нашиот пратеник од Куманово Бране Петрушевски цитирам: “Функциите се менливи, образот останува“. Затоа знаеме дека Министерот/тите доаѓаат и заминуваат, властите доаѓаат и заминуваат, партиските мнозинства се менуваат, но сепак државата мора да остане. Токму затоа институциите мора да бидат изградени на тој начин, што нема да зависат од карактерот, волјата или политичката сила на еден човек или една партија.

Пред Македонија не стои само изборот меѓу една и друга политичка опција. Пред неа стои многу поголем избор дали ќе продолжи да гради држава во која партиите се центар на моќта или држава во која институциите се центар на јавниот интерес. И токму тука лежи најголемиот предизвик на македонската демократија, затоа на Македонија не и треба посилна партија, туку и требаат посилни и професионални институции (а не поединци).

Ова го пишувам од причини што и самите политички партии се менуваат, властите се менуваат, нормално и политичарите се менуваат, единствено што останува е државата, а таа ние е потребна на сите. И затоа најголемата политичка победа не треба да биде освојувањето на институциите, туку нивното ослободување од партиската зависност.
Тогаш ќе можеме да кажеме дека Македонија не само што има демократија на избори, туку гради демократија во институциите.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можете да прочитате

Пеколните жештини продолжуваат, постарите лица најпогодени, ИЈЗ со препораки

Четири возила утрово се судриле на патот Гостивар – Стража

ВМРО-ДПМНЕ: На СДС и Филипче им смета независноста и сега е против македонското знаме кое два пати го менуваше