Утрински Весник
Македонија

Речиси 10 месеци во куќен притвор, а земал судиска плата – Ристов разрешен дури на 30 септември

Img 7030.jpeg

Речиси десет месеци откако е во куќен притвор и не ја извршува судиската функција, судијата Ѓоко Ристов продолжил да ја прима редовната плата. Од судиската функција е разрешен дури на 30 септември со одлука на Судскиот совет.

Ристов е во куќен притвор од јануари годинава, но до разрешувањето бил само суспендиран и оддалечен од работното место. Тоа значи дека иако не ја извршувал судиската функција, формално останал судија и продолжил да прима плата.


Бидејќи одлуката за негово разрешување е донесена на самиот крај на септември, Ристов ќе ја добие и целата плата за тој месец, објави „СДК.мк“.

Станува збор за судијата чии родители беа пронајдени со големо количество пари заѕидани во ѕид во кујната. Судскиот совет, во соопштението за разрешувањето, не го наведе неговото име, туку соопшти дека е разрешен судија „поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција“.

По одлуката на Судскиот совет се огласи и сопругата на Ристов. Во објава на „Фејсбук“ таа наведе дека не била изненадена од разрешувањето и изнесе обвинување дека врз членовите на Судскиот совет бил вршен притисок.

Судењето против Ристов започна на 28 мај. Тој, меѓу другото, е обвинет за давање лажни податоци за својот имот и за имотот на членовите на семејството, кој, според обвинението, во големи размери ги надминува неговите законски приходи.

До разрешувањето Ристов беше само суспендиран, односно не ја извршуваше функцијата, но формално сè уште беше судија.

Случајот повторно го отвора прашањето за исплатата на плати на функционери кои се суспендирани, притворени или обвинети, но за кои сè уште нема конечна одлука за престанок на функцијата.

Како пример од минатото се посочува и случајот со поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, обвинет во предметот „Транспортер“ на поранешното Специјално јавно обвинителство. При контрола во Апелациониот суд Скопје било утврдено дека тогашниот судија Енвер Беџети го чувал предметот повеќе од две и пол години без да донесе одлука, додека Талески во тој период продолжил да прима редовна плата од Битолскиот театар.

Можете да прочитате

НОВ ОБИД ЗА ДЕБЛОКАДА: Муцунски и Петрова-Чамова на средба во Софија

ХАОС ВО КАЗИНО ВО БИТОЛА: Четворица се степале, нападнале и обезбедувач

НОВА ПОЛИЦИСКО-ОБВИНИТЕЛСКА АКЦИЈА: Приведувања и претреси за милионски злоупотреби во „Лотарија“