
Премиерот Христијан Мицкоски, во обраќањето по повод почетокот на академската година на Универзитетот „Гоце Делчев“, ги повика бруцошите да ги користат можностите за образование и патување во странство, но потоа да се вратат во Македонија и да придонесат за нејзиниот развој.

Мицкоски рече дека пред студентите сака да зборува како нивни колега и професор, споделувајќи искуства од сопствениот академски и животен пат. Тој се потсети на своите студентски почетоци пред три децении и на престојот во Италија, Германија и Австрија, каде што се усовршуваше и работеше.
„Каде и да одев, се враќав назад и знаев дека тука ќе го формирам моето семејство и тука ќе го продолжам мојот живот“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со истата порака ги воспитува и своите два сина — да патуваат, да стекнуваат знаење и да ги прифаќаат можностите што им се отвораат, но на крајот да се вратат дома.
Во обраќањето, премиерот се осврна и на влијанието на социјалните мрежи врз претставите на младите за животот во странство. Според него, содржините што се прикажуваат на овие платформи не ја одразуваат целосно реалноста.
„Тоа што секој сака да ви каже и да ви го претстави на социјалните медиуми, тоа во суштина не е вистинскиот живот. Вистинскиот живот е борбата којашто ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родена земја, Македонија“, порача тој.
Мицкоски упати порака и до професорите, нагласувајќи дека пренесувањето знаење е чест, но и голема одговорност. Тој истакна дека нивната работа влијае врз иднината на студентите и на нивните семејства и ги повика да бидат пример за младите.
„Бидете нивните педагози и нивниот пример како понатаму во животот треба тие да бидат пример за своите деца и за своите семејства“, рече премиерот.
На бруцошите им посака успешни студии, нови пријателства и стекнување знаење, порачувајќи им да работат за себе, за своите семејства и за Македонија.
„Нека ви бидат успешни овие години на другарување, стекнување знаење и учење. Инспирирајте се од убавините на вашата татковина Македонија“, порача Мицкоски.


