
Бугарското Министерство за надворешни работи потврди дека во четврток во Софија ќе има можност за билатерална средба меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова.
Средбата би се одржала на маргините на меѓународната министерска конференција посветена на Коридорот 8, која на 7 и 8 октомври се одржува во Софија.
„На 8 октомври во Софија ќе се одржи меѓународна министерска конференција за Коридорот 8, чиј домаќин ќе биде министерката за надворешни работи Велислава Петрова. Во рамките на форумот, на кој ќе присуствува и министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, ќе има можност да се одржи билатерална средба, што е дел од редовниот дијалог меѓу двете земји“, соопштиле од бугарското МНР за новинската агенција БТА.
Од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија засега нема официјална потврда дека средбата е формално договорена. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека сè уште се чека одговор од бугарската страна на испратеното барање.
Иницијативата за средбата следува по посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје. По разговорите со неа, Мицкоски соопшти дека го прифатил нејзиниот совет да се иницира директна средба на ниво на министри за надворешни работи.
По ова, Муцунски испрати дипломатска нота до Софија со барање за билатерална средба со Петрова-Чамова на маргините на конференцијата за Коридорот 8.

Можната средба во Софија се гледа како прв чекор кон обновување на директниот политички дијалог меѓу Скопје и Софија во период кога билатералните прашања остануваат тесно поврзани со македонскиот евроинтегративен процес.

