Утрински Весник
Свет

Деактивирани се пет милиони профили на малолетници на социјални мрежи во Австралија

Instagram.webp.webp

Деактивирани се пет милиони профили на малолетници на социјални мрежи. Ова се случува само еден месец по стапување на сила на ваквата забрана во светот за лица помлади од 6 години.Според надлежните, ова укажува дека мерката имала брз и сеопфатен ефект.

Комесарката за интернет-безбедност, Џули Инман Грант, изјави дека досега се отстранети околу 4,7 милиони профили во сопственост на малолетници, со цел усогласување со законот кој стапи на сила на 10 декември. Дел од платформите започнале со затворање на ваквите профили и неколку недели пред законскиот рок.

Ова се првите официјални владини податоци за почитувањето на новиот закон, кои покажуваат дека платформите преземаат сериозни чекори за исполнување на обврските. Во спротивно, тие би можеле да се соочат со казни до 33 милиони американски долари, додека децата и нивните родители не подлежат на санкции.

Иако бројката е значително повисока од претходните проценки и сугерира дека секој Австралиец на возраст од 10 до 16 години имал повеќе од два профили, дел од сметките на малолетници сè уште остануваат активни. Компанијата „Мета“ претходно соопшти дека отстранила околу 550.000 профили на малолетници од Инстаграм, Фејсбук и Тредс.

Минималната возраст за користење социјални мрежи се однесува и на платформите Јутјуб на „Гугл“, ТикТок, Снепчет и Икс, поранешен Твитер, во сопственост на Илон Маск. Компанијата „Редит“ соопшти дека го почитува законот, но истовремено поднесе тужба против владата со барање за укинување на забраната, на што австралиските власти најавија дека ќе одговорат со одбрана на мерката.

„Јасно е дека регулаторните насоки и ангажманот на службата за интернет-безбедност со платформите веќе даваат значајни резултати“, изјави Инман Грант, додавајќи дека сè уште е рано да се говори за целосна усогласеност.

Таа нагласи дека ќе биде потребно време за целосно воспоставување ефикасни системи за проверка на возраста, но дека досегашните повратни информации од давателите на вакви услуги укажуваат на релативно непречено спроведување на забраната, поткрепено со претходна јавна едукација.

Можете да прочитате

Путин: Меѓународната ситуација се влошува

Мерц: Мора да пронајдеме рамнотежа во односите со Русија

Белгија нема да испраќа војници на Гренланд