Во пресрет на акцијата „Новогодишна кошничка“, најавена за 15. месецов, пазарните инспектори ги мониторираат сегашните цени на производите кои ги содржи акциската листа заедно со најниските цени на истоимените производи кои биле применувани во последните 30 дена. Со акцијата се очекува намалување на цените на производите за 10 и повеќе проценти. Во меѓувреме статистиката регистрираше зголемувањето на трошоците на животот во групата храна и безалкохолни пијалаци во ноември во однос на октомври годинава за 2,1 процент.
Целта на мониторингот е да се утврди дали по почетокот на акцијата трговците ќе се придржуваат до дадената иницијатива од нивна страна за акциско намалување на цените од 10 отсто или повеќе на прехранбени производи кои најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници, информираше вчера Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Акцијата „Новогодишна кошница“ ќе се спроведува заклучно со 15 јануари 2025 година. Во овој период, Пазарниот инспекторат најави дека ќе биде со засилени контроли на терен и ќе постапува во согласност со своите надлежности. Граѓаните може да пријават неправилности на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страна на ДПИ www.dpi.gov.mk, на која е достапна и листата со производи.
Од Владата викендот соопштија дека новогодишната потрошувачка кошничка со намалени цени од најмалку 10 проценти се проширува и опфаќа над 700 прехранбени производи, понудени од над 100 компании и производители и дистрибутери.
– Владата носи мерки со кои граѓаните конечно го добиваат она кое го заслужуваат, пристојни услови за живот и вистинска грижа за нивните реални потреби. Согласно Законот за заштита на потрошувачите треба да биде земена најниската цена од претходниот месец, од 15 ноември до 15 декември и на таа цена да има најмалку 10 проценти намалување на производите, наведоа во соопштение од Владата.
Во новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
Производите на листата кои ќе бидат понудени на полиците во трговските ланци ќе бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.
Државниот завод за статистика вчера објави дека трошоците на животот во ноември годинава, во однос на ноември лани, бележат зголемување од 4,3 проценти, а цените на мало од 4 проценти.
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во ноември во однос на октомври годинава, изнесува еден процент. Зголемувањето на инфлацијата во ноември во однос на октомври годинава, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во групите: храна и безалкохолни пијалаци за 2,1 процент, рекреација и култура, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 1,5 проценти, ресторани и хотели за 0,8 проценти, облека и обувки, здравје за 0,2 проценти, домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,1 процент.
Цените на мало во ноември во однос на октомври годинава забележале раст од 0,3 проценти.
Во третиот квартал годинава БДП забележа раст од 3 проценти на годишна основа, како резултат на благото забрзување на приватната потрошувачка (1,9 проценти) и значајното интензивирање на јавната потрошувачка (13,3 проценти).
Растот на БДП од 3 проценти, според Владата, е показател дека успеала да ја консолидира економијата шест месеци по преземањето на власта.
– Успеавме да ја консолидираме економијата и индикаторите со коишто денеска можеме да излеземе пред македонската јавност во ова тримесечие се едни од најдобрите во Европа. Многу ретко до сега сме имале можност да се пофалиме со економски резултат што ќе биде еден од најдобрите во Европа, рече премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата.
Со државниот Буџет за 2025 година, изгласан завчера, растот на економијата е проектиран на 3,7 проценти, а инфлацијата на 2,2 проценти.