
Во скопската населба Ново Лисиче и на булеварот „Македонско-косовска бригада“ синоќа биле запалени повеќе контејнери, информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој побара итна реакција од МВР и откривање на сторителите.
„Го повикувам МВР веднаш да ги провери снимките од „Safe City“, да ги пронајде сторителите и да испита дали палењата се организирани и политички мотивирани. Барам одговорност!“, објави Ѓорѓиевски.
Тој оцени дека палењето на контејнерите е удар врз заедничкиот имот на граѓаните.
„Во услови кога набавивме 3.300 нови контејнери и го решивме проблемот со сметот, очигледно дека на некој не му одговара чисто Скопје и развојот на градот. Ова е удар врз сите скопјани и врз заедничкиот имот, платен со нивни пари. А ако со ова некој мисли дека мене лично ми прави штета, се лаже! Прави штета на градот, овие контејнери се купени со парите на скопјани!“, наведува градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека наскоро ќе заврши поставувањето на 200 градски камери, кои треба да овозможат посилен надзор и полесно откривање на ваквите случаи.
„Нема да дозволиме некој да си поигрува со градот. Со законите нема поигрување“, порача тој.



