Здружението за промоција на документаристикаат „Македокс“ ги почна активностите поврзани со аптувачкото кино, кое е во симбиоза со Фестивалот на креативен документарен филм „Македпокс“. По низа разни формати, кои беа предизвикани од надворешни фактори (ковид-пандемијата), патувачкото кино се враќа во својот стандарден формат на реализација по завршувањето на фестивалот „Македокс“, кој годинава се одржа од 17 до 24 август во Скопје.
Два нови момента се присутни на годинашното аптувачко кино, а тоа се преднастанот, што се одржа на 26 август покрај реката Бабуна во близина на селото Црквино во рамките на манифестацијата „Средби на родот“, каде што беа прикажани два креативни документарни филма, со што почна патувачкото кино, а вториот новитет ќе се случи пред филмската проекција во селото Теово на 15 септември кога ќе биде промовиран музички албум на бард на македонската и ексју-музичката сцена.
Филмската програма на 14-то патувачко кино на „Македокс“ ќе се прикаже во два термина, од 8 до 11 септември во регионот околу Свети Николе и од 14 до 17 септември во Велешкиот Регион.
„Во овие 14 години успеавме да направиме мост помеѓу урбаното и локалното население во речиси 100-ина села и помали градови во цела Македонија, овозможивме пошироката јавност да се запознае со културните слоеви на руралните средини, а истовремено успеавме таму да однесеме нови културолошки вредности. Од оваа година фокусот на патувачкото кино ќе биде ставен на прибирање мемориска граѓа од постари лица во населените места, каде што ќе се одржуваат проекциите“, посочува Бранд Ферро, извршен продуцент на патувачкото кино.
Филмските проекции под отворено небо на годинашното патувачко кино ќе се одржат во Свети Николе на 8 септември, с. Горобинци на 9 септември, Ерџелија на 10 септември и Мустафино на 11 септември во Светиниколскиот Регион, а во Велешкиот Регион на 14 септември ќе има проекција во с. Чашка, на 15 септември во с. Теово, проследена со музичка промоција, на 16 септември во с. Богомила и на 17 септември во селото Горно Оризари. Проекциите на сите локации почнуваат во 19.30 часот, а влезот е слободен.
Покрај проекцијата на креативни документарни филмови во рурални средини, организирањето на патувачкото кино е дел од пошироката рамка на децентрализација на културата во целата држава. Реализацијата на патувачкото кино е поддржана од Агенцијата за филм на РСМ и од „Македокс“.