Утрински Весник
Македонија

Филипче за 11 Октомври: Нашите предци се изборија за своја држава, наша историска задача е младите да останат да живеат во Македонија

5.jpeg

На 11 октомври пред 85 години луѓето што тргнаа во востание немаа никаква гаранција дека ќе победат, имаа окупирана земја и живот што го ставија на коцка, но имаа голема храброст во борба со надмоќниот непријател и силна верба во борбата за слобода, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на маршот што се одржа во Прилеп, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, под слоганот „Непокор. Борба. Иднина – 85 години антифашизам”.

Филипче нагласи дека партизаните ја извојуваа најголемата и единствената победа која доведе првата современа национална држава.


„Токму затоа нивниот историски подвиг е толку голем. Во октомври 1941 година, храброста се мерела со тоа дали ќе излезеш од дома, знаејќи дека можеби последен пат ја затвораш вратата зад себе. Замислете го тој миг. Човекот што заминува. Семејството што останува. Мајката што сака да го задржи синот, а знае зошто тргнал. И една земја во која надмоќниот окупатор бил убеден дека стравот ќе ја заврши работата наместо него. На 11 Октомври, тој страв доби одговор”, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ порача дека македонската историја е полна со борби за слобода, со херои кои имале верба во постигнување на целта – слободна Македонија.

„Во неа има востаници што знаеле дека се послаби од силата на која ѝ се спротивставуваат. Има луѓе што ја продолжувале борбата откако претходната генерација била поразена. Имало силна надеж што се пренесувала од родител на дете, кога немало држава преку која таа верба можела да се оствари. Илинден и Крушевската Република остануваат трајна инспирација и камен темелник на таа историја. Нивното значење го чувствуваме и денес. Но, должни сме јасно да го кажеме пресудниот резултат на Народноослободителната војна, од нејзината победа произлезе првата трајна современа македонска држава. Таа победа ја смени нашата страдалничка историја.”

Тој нагласи дека Народноослободителната војна и победата над фашизмот ги поставија темелите на современата македонска држава, а АСНОМ ја втемели македонската државност.

„Без победата во Народноослободителната војна, тој пат немаше да биде нашиот историски успех. Без луѓето што се изборија за државноста, немаше да ја наследиме Македонија во која подоцна, во 1991 година, ја донесовме одлуката за независност. Независноста има свое големо место. АСНОМ има свое незаменливо место. Нашата историја е доволно богата за да ги почитуваме двете, со јасно разбирање што ни донела секоја од нив”, рече Филипче.

Филипче посочи дека почитта кон паднатите борци не смее да остане само на свечени одбележувања, туку мора да се преточи во одговорност за државата, нејзиниот развој и иднината на граѓаните.

„Ние Социјалдемократскиот сојуз сме наследниците на државотворните политики на нашите предци партизаните, на вредносните политики на антифашистичката борба. И затоа денес кога сме соочени со криминална власт која што нè пљачка, нè изолира, повторно имаме историска улога да се бориме за слобода, за правда и за вистина. Повторно да се покаже пркос, да ѝ се спротивставиме на неправдата, да ѝ се спротивставиме на криминалната банда на власт и да ја вратиме државата во служба на народот. Таа улога, таа борба бара храброст, истрајност и одговорност. Ние ја имаме храброста, ја имаме решителността, а народот е нашата сила. Нашата денешна борба ја водиме со демократски средства, со вистината, со јавниот збор, во Собранието и со гласот на граѓаните”, порача претседателот на СДСМ.

Тој нагласи дека денешната борба за Македонија е борба против корупцијата и криминалот, но и борба за подобар живот, достоинство и сигурност за сите граѓани – работниците, земјоделците, наставниците, лекарите, младите и пензионерите.

„Борбата за Македонија денес е борба за слобода, меѓусебно почитување и правда. Борбата за Македонија денеска е против корупцијата и криминалот на арамиите на власт. Борбата за Македонија, другарки и другари, денеска е борба против нејзина распродажба. За рудници, вода, земја и дата центри. Арамиите на власт сè ќе стават на распродажба за туѓи профити и за провизии. Борбата за Македонија е борба против воскреснувањето на фашизмот и фашистичките методи на владење”, порача Филипче.

Аманетот на борците е да се зачува државата, да се развива и да се создадат услови младите да останат во сопствената татковина. Патриотизмот, како што посочи, се мери според тоа како живеат граѓаните денес и каква иднина ќе им оставиме на идните генерации.

„Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука дома. И тоа е нашата историска задача”, рече Филипче.

Можете да прочитате

Мицкоски: 11 Октомври нека не биде само ден на сеќавање, слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи

ЛДП: Извештајот на ЕПИ ги потврди нашите предупредувања – правосудството е на колена поради погрешни приоритети и политички притисоци

Силјановска Давкова: 11 Октомври е вечен завет за чување и развој на татковината