Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека вчерашното убиство на 17-годишно момче од страна на полицијата во Париз е непростливо.
„Имаме адолесцент, кој беше убиен. Тоа е необјасниво и непростливо“, им рекол Макрон на новинарите во Марсеј, пренесе „Ројтерс“.
Тој додаде дека ништо не ја оправдува смртта на еден млад човек повикувајќи ги правосудните органи да си ја завршат работата.
Синоќа, во париското предградие Нантер се случија немири и спорадични судири меѓу разгневената младина и полицијата како израз на растечкото незадоволство кај граѓаните во локалната заедница поради убиството на тинејџер.
Француската влада најави зголемено полициско присуство во Париз и другите големи градови и повика на смиреност.
Француското Обвинителство вчера соопшти дека води истрага против полицаецот, кој вчераутро во предградие на Париз уби 17-годишно момче откако младиот човек одбил да го запре автомобилот.
Во соопштението се наведува дека полицаецот пукал во автомобилот по што возачот починал од добиените рани.
Се додава дека еден патник бил приведен и набргу ослободен, но дека полицијата не можела да стапи во контакт со другиот патник, пренесе „Ројтерс“.
Според извештаите, возачот и претходно ѝ бил познат на француската полиција затоа што одбил да го запре возилото.
Министерот за внатрешни работи, Џералд Дарманен, објави дека Генералниот инспекторат на националната полиција спроведува истрага „со цел да се расветлат околностите на оваа драма“.
Минатата година Франција забележа рекордни 13 смртни случаи поврзани со пукање на полицајци при регулирање на сообраќајот, а годинава е втор таков смртен случај.