
Соопштение на Левица:
Она што Левица го разобличи уште пред четири месеци, вчера доби и официјалност – Мицкоски ја вдоми и својата советничка Ана Виткова во Регулаторната комисија за енергетика.
Додека граѓаните ги бројат денарите за струја, гориво и воопшто егзистенција, Мицкоски ги брои слободните фотелји во институциите што треба да ја контролираат енергетската индустрија.
Со изборот на Виткова, која од август 2024 година е правна советничка во кабинетот на Мицкоски, продолжува бесрамното претворање на независните регулатори во продолжена рака на власта, подредена на политичките апетити на премиерот-енергетичар.
Но, уште поскандалозно, Виткова не е само советничка на Мицкоски, туку била вклучена и во владини комисии за концесии за користење вода за производство на електрична енергија на Црна Река, како и во постапки за јавно-приватни партнерства во гасната дистрибуција. Дополнително, во нејзината биографија се наведуваат и ангажмани како надворешен правен консултант на приватни компании од енергетскиот сектор! Оттука, и имајќи ги предвид целиот начин на функционирање на ДПМНЕ, за очекување е дека Виткова на прва истанца нема ниту да се иззема од предемти каде што постои судир на интереси, како и дека ќе биде продолжена рака на Мицкоски и неговиот личен интерес во енергетскиот сектор, а не на граѓаните.
Впрочем, ова не е ниту изолиран случај, туку само досега последен потег во подолгата операција за партиско освојување на РКЕ. Во септември 2024 година ДПМНЕ ја постави Елена Маркова-Велинова, дотогашна претседателка на партиската Комисија за енергетика. Во април годинава за претседател на РКЕ беше избран Ацо Ристов, поранешен градоначалник на Радовиш од редовите на ДПМНЕ и сопственички интереси во бизнисот со мали хидроцентрали. Сега во истото регулаторно тело пристигнува и личната советничка на Мицкоски!
Институцијата што треба да биде брана пред политичките и корпоративните влијанија сè повеќе наликува на нивна заедничка чекалница, каде што регулаторската независност се жртвува на олтарот на партиската лојалност.
Граѓаните имаат сериозна причина да се сомневаат чиј интерес ќе биде заштитен при одлучувањето за тарифите, лиценците и цените. И тој сомнеж досега неколкупати се покажа како точен.
Потсетуваме дека Левица, со цел рационализација на трошоците и ефикасност, претходно иницираше укинување на РКЕ и предложи Комисијата да биде одделение во рамките на Министерството за енергетика, но ваквиот предлог беше одбиен од страна на власта на ДПМНЕ.


