Речиси е сигурно дека 2023-2027 година ќе биде најтоплиот петгодишен период забележан во историјата комбинацијата од стакленички гасови и Ел ќе ги зголемат температурите, предупреди во средата Светската метеоролошка организација при ОН, пренесува „Франс24“.
„Постои 98-отстотна веројатност дека барем една од следните пет години, и петгодишниот период како целина, ќе биде најтоплата досега“, велат од СМО.
Според СМО, најтоплите осум години забележани во историјата биле помеѓу 2015 и 2022 година, но се прогнозира дека температурите дополнително ќе се зголемуваат како што се забрзуваат климатските промени.
Во согласност со Парискиот договор од 2015 година, земјите се согласија да го ограничат глобалното затоплување на многу под два Целзиусови степени над просечните нивоа измерени помеѓу 1850 и 1900 година – и 1,5 Целзиусови ако е можно.
Глобалната средна температура во 2022 година беше за 1,15 Целзиусови степени над просекот од 1850 до 1900 година.
СМО соопшти дека има 66 отсто шанси годишните температури на површината да надминат 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа во најмалку една од годините 2023-2027 година, со прогноза од 1,1 до 1,8 Целзиусови степени за секоја од тие пет години.
Иако тоа не значи дека светот трајно ќе го надмине бенчмаркот од Париз, СМО алармира дека се позаќестено привремено ќе го надминуваме нивото од 1,5 Целзиусови, вели шефот на агенцијата Петери Таалас.
„Се очекува затоплување на Ел Нињо во наредните месеци што ќе се искомбинира со климатските промени предизвикани од човекот и ќе ги турне глобалните температури на непозната територија. Ова ќе има далекусежни последици за здравјето, безбедноста на храната, управувањето со водите и за животната средина. Треба да бидеме подготвени,“ предупреди Таалас.
Температурите во 2023 година веројатно ќе бидат повисоки од просекот во периодот од 1991 до 2020 година во речиси сите региони освен на Алјаска, во Јужна Африка, Јужна Азија и во делови од Австралија, соопшти СМО.
Делови од јужниот дел на Тихиот Океан веројатно ќе бидат посвежи од просекот.