
Соопштение на ДОМ:

Во пресрет на утрешната комисиска расправа за измените на Законот за животна средина, ДОМ повторно предупредува дека предложените законски решенија отвораат сериозни прашања за заштитата на здравјето на граѓаните и животната средина.
Покрај измените на одредбите за заштитната дистанца од пет километри за тешката индустрија, како и проширувањето на можностите за избегнување целосна постапка за оцена на влијанието врз животната средина, особено загрижува предлогот за бришење на членовите 28-а, 28-б, 28-в и 28-г, кои се однесуваат на контаминираните подрачја, односно таканаречените жешки еколошки точки.
Станува збор за локации со долгогодишно индустриско загадување, како ОХИС, Лојане, Југохром, Макстил, РЕК Битола, МХК Злетово – ѓубрива и РЕК Осломеј. Овие проблеми не исчезнуваат со бришење на законските одредби. Напротив, токму за ваквите локации се потребни јасни правила, утврдени институционални обврски и одговорност за санација на загадувањето.
Бришењето на овие членови ризикува да создаде правна празнина и да ги ослаби механизмите за управување со контаминираните подрачја. Без јасна законска рамка, останува отворено прашањето кој ќе биде одговорен за следењето на загадувањето, преземањето мерки и обезбедувањето средства за санација.
Дополнително, предложеното бришење на зборовите „или реконструкција” од забраната за тешка и загадувачка индустрија во радиус од пет километри од населени места и заштитени природни подрачја отвора простор постојни индустриски капацитети да се реконструираат и повторно да се стават во функција, иако се наоѓаат во оваа заштитна зона.
ДОМ потсетува дека во 2022 година беше меѓу предлагачите на законското решение со кое беше воведено ова ограничување. Заштитата на граѓаните и природата мора да остане приоритет, а не да се слабее преку измени чии последици не се доволно образложени пред јавноста.
ДОМ бара пратениците на утрешната комисиска расправа внимателно да ги разгледаат спорните одредби и да не поддржат решенија што ја ослабуваат заштитата на животната средина. Усогласувањето со европското законодавство не смее да биде оправдување за создавање правни празнини или укинување на постојните механизми за заштита.
На Македонија ѝ се потребни посилни институции, јасна одговорност за загадувањето и конкретни рокови и мерки за санација на контаминираните подрачја – а не законски измени што можат да го одложат и отежнат решавањето на овие проблеми на штета на граѓаните.


