
Десет дена неизвесност, загриженост и потрага по 38-годишната Јаница Цековска, која на 3 октомври се оддалечила од мал групен дом во Градско. Нејзиното семејство упатува јавен апел до граѓаните за помош во нејзиното пронаоѓање, додека Министерството за внатрешни работи информира дека се преземаат мерки за утврдување на нејзината местоположба.
Блиските на Јаница, загрижени поради отсуството на какви било информации за неа, ја споделуваат нејзината фотографија на социјалните мрежи со надеж дека некој ќе ја препознае или ќе достави информации што би можеле да помогнат во потрагата.
Според досега објавените податоци, Јаница е висока околу 165 сантиметри, тешка приближно 70 килограми и има кратка црна коса. Во моментот кога се оддалечила од групниот дом, била облечена во црни тренерки, црн горен дел од тренерка со слика, а на нозете носела црни пластични влечки.
Информацијата за нејзиното исчезнување била објавена на 5 октомври, два дена по нејзиното оддалечување од установата. Оттогаш, според досега достапните информации, нема потврдени сознанија каде се наоѓа 38-годишната жена.
Случајот предизвика вознемиреност и меѓу родителите на деца со попреченост, кои бараат поголемо внимание од јавноста и институциите.
Зоран Мијалков од Штип, кој и самиот е родител на деца со попреченост, преку видеообраќање на социјалните мрежи повика медиумите поактивно да известуваат за исчезнувањето на Јаница, со цел информацијата да стигне до што поголем број граѓани.
Тој посочи дека ваквите случаи предизвикуваат сериозна загриженост кај родителите, особено поради стравувањето дека слична ситуација би можела да се случи и во нивните семејства.
Во меѓувреме, од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на исчезнатата жена.
Сите граѓани кои евентуално ја забележале Јаница или располагаат со каква било информација што може да помогне во нејзиното лоцирање, се повикуваат да се обратат во најблиската полициска станица.

Семејството се надева дека јавниот апел и масовното споделување на информацијата ќе придонесат Јаница што поскоро да биде пронајдена.


