Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека рускиот претседател Владимир Путин извршил воени злосторства и дека одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да издаде налог за негово апсење е оправдана.
Претходно во петокот МКС издаде налог за апсење на Путин под сомнение дека е одговорен за нелегална депортација на деца и трансфер на луѓе од територијата на Украина во Русија.
„Мислам дека тоа е оправдано. Проблемот е што не сите го признаваат судот, вклучително и ние. Но, мислам дека тоа испрати силна порака“, им рече Бајден на новинарите.
САД, независно од МКС, утврдија дека руските сили извршиле воени злосторства во Украина и веруваат дека сторителите мора да одговараат, се вели во соопштението на портпаролот на Стејт департментот.
Потегот на МКС обврзува 123 земји-членки да го уапсат Путин доколку тој се најде на нивна територија и да го префрлат на судење во Хаг.
Русија ги отфрла обвинувањата дека нејзините сили извршиле воени злосторства за време на инвазијата.
Кремљ во петокот објави дека налогот за апсење на Путин е срамота и, што се однесува до Русија, бесмислен, и дека Русија, како и многу други земји, не ја признава јурисдикцијата на МКС,пренесе Индекс.хр.