Утрински Весник
Македонија

Петровска од Мадрид: Безбедноста на регионот е геополитички императив на Алијансата

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во рамки на Самитот на НАТО кој се одржува во Мадрид беше дел од панел дискусијата: „Придонесот на НАТО за безбедноста и стабилноста во неговото соседството“ и на оваа тема дебатираше заедно со министрите за одбрана на Португалија и Бугарија, Хелена Кареирас и Драгомир Заков и Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер.

Петровска во своето обраќање нагласи дека овој самит на НАТО е одлична можност да се испрати порака за единство на демократските земји во одбрана на демократијата и нејзините вредности и да се брани меѓународниот поредок врз основа на правила.

За време на панелот Петровска дискутираше за зајакнувањето на долгорочното одвраќање и одбрана на НАТО, а во ера на стратешки натпревар, истакна дека партнерството на НАТО и ЕУ е од суштинско значење за безбедноста и просперитетот на евроатлантската област при што политичкиот дијалог меѓу двете организации останува од суштинско значење за продлабочување на оваа соработка.

Осврнувајќи се на значењето на регионот на Западен Балкан, Петровска потенцираше дека овој регион е важен дел за европската безбедносна архитектура како и дека на стабилноста не смее да се гледа како на еднаш засекогаш воспоставен факт.

Додаде дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со сè поголемите надворешни влијанија, како што се хибридните закани, сајбер нападите, информациските манипулативни кампањи кои придонесуваат за подгревање на национализмот.

„Западен Балкан е многу важен дел за европската безбедност и затоа потребно е НАТО заедно со ЕУ и останатите партнери да продолжиме на зајакнување на одбранбените системи, да ги вложиме сите напори за забрзување на реформите, и да се изнајдат иновативни решенија за надминување на отворените прашања за целосна евроатлантска интеграција на Регионот. Сега повеќе од било кога Евро – атлантската и ЕУ интеграцијата на регионот потребно е да се гледаат како алатка за подобрување на безбедноста, а со самата интеграција директно ќе се придонесе и кон спречување на надворешни хибридни влијанија“, потенцира Петровска.

Можете да прочитате

На армискиот полигон „Криволак“ денеска ќе бидат презентирани противпожарни возила

Денес (6 јули) внимателност поради локална појава на силно невреме кај нас

На ГП „Богородица“ се чека од 30 до 40 минути