Утрински Весник
Економија

Левица: ДПМНЕ го поскапи парното за речиси 20% за една година – енергетичарот „експерт“ Мицкоски ги зави граѓаните во сиромаштија

Parno.jpg

Соопштение на Левица:

Трето поскапување на парното греење во рок од само една година им се подготвува на граѓаните под власта на ДПМНЕ! Со најновото предложено покачување од 7,5%, цената на парното кумулативно би пораснала за речиси 20%. Ова е епилогот од помпезно најавуваната енергетска ренесанса на Мицкоски, кој со години ја градеше својата политичка кариера продавајќи се како врвен енергетски експерт, за денес неговата експертиза граѓаните да ја плаќаат со сè повисоки сметки.


Да потсетиме на хронологијата на енергетските бајки на Мицкоски – во 2024 година ветуваше пониски сметки, во мај годинава говореше за потенцијално поевтинување на струјата од пет до десет проценти, во август уверуваше дека нема да има поскапување, за во ноември веќе да најавува можни повисоки цени и тешка зима! Бедна е политичката методологија на Мицкоски, кој најпрво ветува поевтинување, потоа ветува дека нема да има поскапување, а на крајот самото поскапување го претставува како успех бидејќи, замислете, можело да биде и поголемо.

Речиси 20% поскапо парно за една година е сметката што ДПМНЕ им ја испорачува на граѓаните за сопствената енергетска политика. И тоа во услови кога власта не презема мерки за раст на платите и зауздување на цените, кога поскапуваат и најелементарните прехранбени производи, а синдикалната кошничка надмина 70.000 денари!

Левица бара Владата да го спречи третото поскапување на парното и конечно да престане да ги третира семејните буџети како амортизер за сопствените промашувања. Мицкоски не е избран за метеоролог кој ќе му најавува на народот тешки зими.

Можете да прочитате

Божиновска – Солстром: Силна поддршка за Првиот форум за енергетска дипломатија и интензивирање на инфраструктурната соработка

Народната банка со поддршка за родовата еднаквост во корпоративното лидерство и квалитетното управување

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година