Утрински Весник
Македонија

Мицкоски од Брисел: Не испорачуваме билатерални прашања, туку ги исполнуваме обврските според системот на заслуги на ЕУ

321.png

Премиерот Христијан Мицкоски очекува Европската комисија да го препознае напредокот на Македонија во исполнувањето на обврските од Реформската агенда, како и да ѝ стави на располагање дополнителни 75 милиони евра преку Планот за раст за Западен Балкан. Тој најави и дека се очекува наскоро македонските граѓани да можат да ги користат телекомуникациските услуги во земјите од Европската Унија без дополнителни трошоци за роаминг.

Мицкоски денеска, при пристигнувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел изјави дека Владата ги исполнува обврските што произлегуваат од Реформската агенда, но оти билатералните прашања не се дел од тие обврски.


– Ние континуирано зборуваме дека испорачуваме, испорачуваме тоа што се бара од нас, а е дел од Реформската агенда. Ние не испорачуваме билатерални прашања, но сè што се однесува на системот заснован на заслуги го испорачуваме. Јас тоа го зборувам цело време. Денеска очекувам дека сето тоа ќе биде препознаено од Европската комисија – рече Мицкоски.

Во врска со најавата за дополнителни десет проценти од средствата од Планот за раст, премиерот појасни дека станува збор за дополнителни 75 милиони евра, односно над постојните 750 милиони евра.

– Ова што го споменувате, за тој дополнителен дел или таканаречен „top-up“ од сегашните 750 милиони, дополнително уште 10 проценти, односно 75 милиони евра ќе бидат ставени на располагање. Се разбира, ќе имаме дополнителни чекори што ќе треба да ги завршиме до крајот на овој проект – рече Мицкоски.

Како значајно прашање за граѓаните го посочи и приклучувањето кон европскиот модел „Roam Like at Home“, со кој корисниците ќе можат да разговараат и да користат телекомуникациски услуги во земјите од ЕУ по домашните тарифи, без дополнителни роаминг-трошоци.

Мицкоски истакна дека Македонија веќе го завршила формалниот технички дел од процесот и е првата земја што го направила тоа. Во текот на оваа и следната недела се очекува техничките обврски да ги завршат и Црна Гора, Албанија и Србија.

На прашањето дали има промена во позицијата на Владата во однос на билатералните прашања, Мицкоски одговори дека нема промена и дека нема да има додека тој е претседател на Владата.

Во однос на уставните измени и можноста за приближување на ставовите со Европската Унија, Мицкоски повтори дека Владата е подготвена за разговори, но дека приоритет треба да биде договор за Акцискиот план за малцинствата.

Тој посочи дека дури и во случај уставните измени да бидат направени, што, како што нагласи, нема да се случи, останува прашањето за Акцискиот план.

– Ние сме подготвени да разговараме. Ние прво треба да разговараме за Акцискиот план. Тоа сум го кажувал многу пати во минатото и ќе го повторам и денес. Утре да одлучиме да го промениме Уставот, што нема да се случи, но хипотетички, повторно пред нас имаме пречка, а тоа е Акцискиот план за малцинства, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Владата веќе доставила предлог за ова прашање и дека смета оти најпрво треба да се постигне договор за Акцискиот план.

– Мислам дека е суштински важно најпрвин да зборуваме за Акцискиот план за малцинства. Ајде тоа да го договориме, бидејќи 26 земји членки немаат против, само една има против, па дури потоа да видиме дали има простор да разговараме за што било друго – истакна премиерот.

Во разговорот за поширокиот контекст на проширувањето на ЕУ, премиерот посочи дека очекува на Самитот да се разговара и за буџетот наменет за земјите кандидатки, како и за промени во пристапот на Унијата кон Западен Балкан.

– Во последно време слушате пораки од ЕУ, но исто така би сакале да видиме и да слушнеме нешто и за Западен Балкан. Не би сакал однапред да најавувам ништо. Ќе видиме и ќе разговараме повеќе за проширувањето на ЕУ и за буџетот наменет за земјите кандидатки. Се разбира, буџетот за земјите членки е од исклучително значење, но исто така очекуваме и одредени промени во пристапот кон Западен Балкан – рече тој.

Одговарајќи на прашањето дали актуелната геополитичка состојба ја прави интеграцијата на Западен Балкан поважна од кога било, Мицкоски порача дека регионот не треба да се потценува и дека е составен дел од Европа.

– Западен Балкан е врата на Европа и е дел од Европа. Ве молам не го потценувајте потенцијалот на Западен Балкан. Ние ѝ припаѓаме на Европа. Нашите граѓани се навистина фрустрирани поради тоа што предолго чекаат во нејзиниот двор. Конечно, сакаме да го заслужиме своето место на заедничката маса, врз основа на пристапот заснован на заслуги – рече Мицкоски.

Можете да прочитате

Николоски: Зад секоја професионална судска одлука, стои стручното знаење на вештаците, потребата од професијата расте

Клековски: Заедничка иницијатива „Општини за здравје” – вклучување на локалната самоуправа во унапредувањето на здравјето

Жените пријавуваат насилство, институциите не постапуваат, а механизмите за превенција се уназадуваат