Утрински Весник
Македонија

Михаел Мерклер: Сон на секој автомобилски дизајнер е да го вози возилото кое си го замислил [видео]

Михаел Мерклер: Сон на секој автомобилски дизајнер е да го вози возилото кое си го замислил [видео]

Да се седне и да се вози автомобилот кој некогаш бил само замисла преточена во цртеж, е остварување на соништата на цртачот, вели Михаел Мерклер, 31 годишниот гостиварец кој од неодамна го живее својот сон. Овој млад човек, самоук автомобилски дизајнер, ја работи работата која отсекогаш ја сакал во Либан во Бејрут, каде што тукушто беше претставен автомобилот Electra Rise, кој е комплетно негова идеја. Електричниот спортски автомобил, чини 30.000 долари, а сериското производство се очекува да започне до крајот на оваа или на почетокот на следната година.

Љубовта на Михаел кон оваа професија започнала уште кога бил дете. Со 3Д дизајн започнал да се занимава кога имал само 14 години. Со компанијата „Ев електра“ соработува повеќе од две години. Михаел нема диплома за дизајн, самоук е, има завршено средно гимназиско образование.

Во една од твоите последни објави на социјалните мрежи напиша дека сон на секој дизајнер на автомобили е да го вози автомобилот кој некогаш била само негова замисла. Ваквиот твој сон од неодамна е реалност. Какво е чувството?

Моментално го живеам мојот сон како автомобилски дизајнер. Мојата позиција во компанијата „Ев електра“ е потретседател на одделот за дизајн. Сакам да му се заблагодарам на Џихад Мухамед, кој е основач на компанијата и кој ми ја даде шансата да соработувам со него. Тој веруваше во мојот талент и во тоа што го работам. Кога ќе видите нешто кое било само идеја во 3Д дизајн, заглавен во виртуелниот свет, како станува реалност и можете да го допрете, да влезете и да го возите, е чувство кое не може да се опуише со едноставни зборови. Оваа фирма која макотрпно работеше на овој автомобил, е моето второ семејство. Пандемијата отежна многу работи, но не се откажавме од целта. Верувам дека ова е сон на секој дизајнер, да ја види својата креација во реалниот свет.

Џихад Мухамед и Михаел Мерклер пред прототипот на автомобилот Electra Rise кој го дизајнираше Михаел | Фото: лична архива

Како започна сè? Како те пронајдоа луѓето од оваа компанија?

Сè започнува со една голема љубов и страст кон автомобилизмот уште од рана возраст. Секогаш сакав да издизајнирам нешто мое, мој личен автомобил. На 14 години, додека доста мои врсници играа видео игри јас го вложував моето слободно време во изучување на апликацијата „3Д студио макс“ која сè уште ја користам како главна алатка. Потоа на 21 година, почнав да работам во една мала компанија во Гостивар „Зули груп“ како архитектски дизајнер. Сопственикот Орхан Зули ми даде шанса да работам кај него. Тој ми кажа, ‘ако веќе можеш да дизајнираш автомобили, сигурен сум дека нема да имаш прблем да работиш 3Д проекти на приватни објекти’. Таму работев неколку години, но после работа, продолжував со моето хоби, автомобилски дизајн. Имаш луѓе кои ме прашуваа зошто губам време на тоа. Но, тоа не влијаеше на мојата желба еден ден да си го остварам сонот. Кон крајот на 2108 година, добив видео порака од Џихад Мухамед кој ми кажа дека видел некои од моите изработки и дека би сакал да му пратам портфолио со тоа што, ако му се допадне мојата работа, да почнеме да соработуваме. Бев возбуден, но и исплашен дека можеби ништо нема да излезе и дека ќе се разочарам. Разговаравме и ми кажа дека сака да стартува компанија за електрични автомобили. Од тој момент почнавме да соработуваме. Иако имав работа како архитектски дизајнер, работев на две места и некогаш едвај постигнував. Вложив многу труд, кој на крајот се исплатеше.

Како се вика автомобилот, за каков модел се работи, какви се неговите перформанси и колку чини?

Еlectra Rise спаѓа во калсата на спортски автомобили. Ќе има мотор со моќност од 250 коњски сили, кој ќе биде лоциран во задниот дел од возилото. Сето тоа ќе биде поддржано од 45 киловатна батерија, чиј капацитет со текот на времето верувам дека ќе може да се замени со поголем. Што се однесува до перформансите, максималната брзина е 230 километри на час, со развивање 100 километри на час за 3,5 секунди. Тоа е сосема доволно за еден таков спортски автомобил. Во ентериерот е вграден шестнаесетинчен таблет на кој има контрола на командите.

„Благодарен сум на луѓето кои ме поддржуваа но и на другите, бидејќи тие ме мотивираа. Моите родители секогаш веруваа во мене и во мојот сон“, вели Михаел

Има специјачен дезинфектор кој ќе врши дезинфекција на автомобилот. Кога се напушта автомобилот, се активира сензор кој добива сигнал дека нема движење во автомобилот и се активира дезинфекција. Дезинфекторот може да се активира и преку апликација мобилна. Цената на возилото е 30.000 долари и е пристапна ако се спореди со автомобили на други компании со слични перформанси на електрични возила. Бидејќи се работи за прототип, ќе мине низ усовршување квалитетот на изработката и се надеваме дека до крајот на годината ќе почнеме со сериско производство. Возилото може да се резервира на www.evelectra.com, но нема детална информација во моментов кога точно ќе започне производството. Инаку, првиот прототип Electra Quds Capital Bil беше изработен во Франција. Почнавме еден голем проект во погрешно време, но тоа не ја промени целта, да чекориме кон тоа да направиме електричен автомобил. Имавме проблеми со пронаоѓање на делови и нивна изработка. Ние бевме во различни држави, а онлајн бевме во контакт со инжинерите во Франција. Вториот прототип, овој на видеото, е спортскиот автомобил Еlectra Rise. Идејата за него, се роди веднаш по експлозијата во Бејрут. Јас појдов таму и работевме заеднички макотрпно на изработка на овој прототип.

Какви се твоите планови за во иднина?

Планирам да се преселам тука во Бејрут каде што ја работам и работата на моите соништа. Верувам дека ќе продолжам со работа во оваа компанија и ќе ми биде големо задоволство да работиме на уште поголеми и пософистицирани проекти. Големо задоволство е да се биде дел од овој тим. Без разлика на нашата титула и образование сите сме исто и сите имаме иста цел. Меѓу нас постои нешто повеќе од само колеги. Презадоволен сум од се како се одвива и верувам дека многу компании треба да го земат овој пример. Овде нема дискриминација врз основа на верувања, на пол, на раса.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Дали од 29 Ноември Балканот ќе го зафати нов студен и снежен бран?!

Филипче: СДСМ не е лична сопственост ниту на Бранко, ниту на Заев, а најмалку моја

Филипче: Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја