Утрински Весник
Свет

Тројца мажи во Јордан осудени на смрт за минатомесечниот напад врз православна црква

Besilka 1.webp.webp

Судот за државна безбедност во Јордан осуди тројца мажи на смрт со бесење за вооружениот напад од минатиот месец врз православна црква во провинцијата Карак, на југот на земјата, кога беа убиени девет, а повредени 25 лица.

Тројцата биле прогласени за виновни за терористички дејствија со смртни последици, поседување оружје и муниција со намера за извршување напад, како и за терористичко здружување и пропагирање идеи на терористичка група.


Пресудата може да биде обжалена пред Касациониот суд.

Нападот врз христијанската заедница се случил во селото Хамуд, кога вооружени лица влегле во дворот на православната црква „Свети Ѓорѓи“ и отвориле оган врз поворка на погреб. Според полицијата, по нападот тројцата осомничени биле уапсени во напуштена куќа во провинцијата Карак, каде што се забарикадирале.

Јорданскиот крал Абдула Втори, кој ги посети повредените во болницата во Карак, го осуди нападот и вети дека одговорните ќе бидат најстрого казнети.

Провинцијата Карак има околу 375 илјади жители и голема христијанска заедница. Христијаните сочинуваат околу три проценти од вкупно речиси 11 милиони жители на Јордан, од кои мнозинството се сунитски муслимани.

Можете да прочитате

„Мета“ во Италија казнета со 805 милиони евра поради пристап до фотографиите на корисниците на „Андроид“ без нивна дозвола

Украина и Русија договараат размена на најмалку илјада воени заробеници

„СпејсИкс“ за првпат успешно го прифати горниот сегмент на ракетниот систем „Старшип“