Утрински Весник
Македонија

СЗО: Коронавирусот не се пренесува преку мајчиното млеко

СЗО: Коронавирусот не се пренесува преку мајчиното млеко

„Поддршка на доењето за поздрава планета“ е годинешното мото на Светската недела на доење, што традиционално се одбележува од 1 до 7 август.

Од Комитетот за доење при Министерството за здравство посочуваат дека согласно препораките на СЗО и УНИЦЕФ, мајките треба да ги дојат своите бебиња и доколку имаат Ковид-19, бидејќи придобивките го надминуваат ризикот од зараза. СЗО препорачува мајките кај кои постои сомневање или е потврден Ковид-19 да бидат охрабрени, како и сите други мајки, да почнат или да продолжат со доење. Многубројните предности од доењето за новороденчиња и децата значително го надминуваат потенцијалниот ризик од зараза со Ковид-19.

Од МЗ додаваат дека досегашните научни истражувања покажуваат дека новиот коронавирус не се пренесува преку мајчиното млеко. За време на доењето и контактот со бебето треба да применуваат респираторна хигиена, доколку е можно да носат маска; потребно е да ги мијат своите раце пред и по допирање на бебето со сапун и вода или дезинфициенс на база на алкохол. Миењето на рацете треба да биде најмалку 20–30 секунди, согласно препораките и техниките за правилно миење на рацете, како и редовно чистење и дезинфицирање на површините што ги имаат допрено.

„Доењето е еден од најважните начини за унапредување и чување на здравјето. Тоа е најдобриот начин на исхрана на доенчињата, ја поставува основата за добро здравје, не само во периодот на детството, туку и во адултната возраст, воедно носи и голем број бенефити за мајките и за општеството во целост. Во согласност со препораките на СЗО доењето треба да е ексклузивно во првите шест месеци од животот, да трае до две години и подолго, паралелно со воведувањето други видови храна по шестиот месец“, велат од МЗ.

Стручни совети од Комитетот за доење: одговори на најчесто поставувани прашања од мајките кои се пред породување и во страв од инфекција, нивна или на нивното бебе:

1. Дали може да се пренесе вирусот од мајката на бебето?

Одговорот е дека постојат студии кои се контроверзни, тие коишто пронашле вертикална трасмисија на вирусот се со мал процент од 7 до 10 проценти, а бебињата се без симптоми или со лесна клиничка слика.

2. Дали мајките кои се суспектни или позитивни на коронавирус можат безбедно да ги дојат своите бебиња?

Одговорот е да, треба и пожелно е да ги дојат своите бебиња, бидејќи ако се престане со доењето, ќе се намали и количеството мајчино млеко, а со тоа и заштитните фактори коишто ги содржи. Мајчиното млеко содржи антимикробни фактори: секреторен ИгА, ИгМ, ИгГ, олигосахариди, лизозими, леукоцити и таканаречени цитокини и антиинфламаторни фактори.

3. Дали во мајчиното млеко кај Ковид-19 позитивна мајка може да го има SARs- CoV вирусот?

Реализирани се повеќе студии во различни региони од светот и во ниту една од нив не е докажано присуство на вирусот во мајчиното млеко. Тоа значи дека единствен начин на којшто мајката може да го пренесе вирусот на своето дете е преку респираторните патишта. Поради тоа, неопходно е одржување на личната хигиена и задолжителна употреба на заштитни маски при доењето. Во случај кога мајката е со потешка клиничка слика, која бара нејзина хоспитализација пожелно е ако постојат услови да се искористи нејзиното измолзено млеко со помош на медицински сестри. А во случај да е со исклучително тешка клиничка слика може да се користи измолзено млеко од мајка донор.

Исто така, според СЗО и УНИЦЕФ, суспектна или позитивна мајка во првите моменти од раѓањето треба да го стави бебето на своите гради, не само заради млекото, туку и заради таканаречениот „skin-to-skin“ контакт, исклучително значаен за емотивната и психолошката поддршка, како за бебето, така и за мајката.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме

На „Блаце“ и „Табановце“ се чека од 30 минути до 60 минути