Драматизацијата на „Нетфликс“ на вистинската животна приказна за лажната германска наследничка Ана Делви е брза, повеќеслојна и весела. А Озарковата Џулија Гарнер е хипнотизирачка – не можете да го тргнете погледот од неа, пишува британски „Гардијан“, осврнувајќи се на новата серија Inventing Anna.
„Кој, од безбедна далечина, не сака преварант? Особено ако измамата е од големи размери, и ако не ја осмислила девојка како Ана Делви – родена Ана Сорокин.“
„Таа извлече стотици илјади долари од њујоршката елита измамена од нејзината сталоженост, импресионирана од нејзините врски, и неспособна да замисли дека секој што знае какво вино да порача не може да биде сè што таа тврдеше дека е.“
Оваа серија од девет епизоди го прикажува животот на њујоршката социјалистка Ана Сорокин, позната и како Ана Делви, која себе си се претставувала како богата наследничка од Европа. Inventing Anna детално опишува како младата русокоса со необичен акцент успеала да измами личности од „Волстрит“ и од високото општество.
Инспирирана од написот на Џесика Преслер во „Њујорк магазин“ за лажната наследничка, серијата ја следи новинарката Вивијан Кент додека го истражува животот на Делви по нејзиното апсење по 10 точки од обвинението за голема кражба.
Новинарката бара разни банкари, хотелиери, агенти за недвижности, социјалисти и љубители на модата кои биле вовлечени во орбитата на Ана, но ѝ приоѓа и на самата мистериозна жена (која ја игра непрепознатливата Џулија Гарнер), зад решетки во „Рикерс ајланд“, главниот затворски комплекс во Њујорк.