
Во деновите кога температурите достигнуваат високи вредности, повеќето луѓе инстинктивно посегнуваат по ледена вода или добро изладени пијалаци. Сепак, според научниците, тоа не е секогаш најдобриот начин за ефикасна хидратација на организмот.
Истражувањата покажуваат дека водата и другите пијалаци на собна температура организмот ги апсорбира побрзо, што овозможува поефикасна хидратација во споредба со многу ладните напивки.
Експертите посочуваат и дека консумирањето ладни пијалаци веднаш по оброк може да предизвика непријатност кај дел од луѓето, а со навика за пиење вода на собна температура многумина забележуваат подобро варење на храната и чувство на поголема леснотија по јадењето.
Интересно е што и топлите напивки можат да помогнат во разладувањето на телото. Топол чај, на пример, го стимулира потењето, а испарувањето на потта природно ја намалува телесната температура. Овој ефект, сепак, е најизразен кога воздухот е сув и има ниска влажност, бидејќи тогаш потта полесно испарува.
За уште подобар ефект, експертите препорачуваат во летните горештини да се носи лесна облека од природни материјали, како памук или лен, кои овозможуваат подобра циркулација на воздухот и полесно испарување на потта.
Иако ладните пијалаци можат моментално да создадат чувство на освежување, најважно е организмот редовно да внесува доволно течности во текот на денот. Правилната хидратација, заедно со престој во сенка, избегнување директно сонце во најтоплиот дел од денот и носење соодветна облека, остануваат клучни препораки за полесно справување со летните горештини.


