Утрински Весник
Македонија

Тошковски: Каталогот за континуирани обуки е нов чекор кон модерна, професионална и ефикасна полиција

6 3.jpg

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Полициската академија во Идризово присуствуваше и се обрати на промоцијата на Каталогот за континуирани обуки на Министерството за внатрешни работи, изработен во соработка со Полициската академија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека Каталогот претставува значаен чекор во унапредувањето на професионалниот развој, стручноста и капацитетите на вработените во Министерството за внатрешни работи, нагласувајќи дека современите безбедносни предизвици бараат високо обучена, професионална и ефикасна полиција.


„Континуираната обука и усовршување на полициските службеници претставуваат еден од нашите најважни приоритети. Каталогот не е само преглед на програмите за обука, туку и стратешка алатка за професионален развој, која ќе придонесе за зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на квалитетот на полициското работење и дополнително унапредување на довербата на граѓаните во полицијата”, истакна министерот Тошковски.

Тој посочи дека Каталогот содржи систематизиран преглед на програмите за обука, развиени согласно потребите на полициската служба, современите безбедносни стандарди и најдобрите меѓународни практики. Обуките се насочени кон развој на стручните, оперативните и лидерските компетенции, со посебен акцент на практичната примена на знаењата, почитувањето на човековите права, професионалниот интегритет и етичките стандарди.

Министерот Тошковски упати благодарност до Полициската академија и до Мисијата на ОБСЕ во Скопје за нивната поддршка и придонес во подготовката на Каталогот, истакнувајќи дека партнерската соработка претставува важен предуслов за изградба на современ и одржлив систем на полициска обука.

Министерството за внатрешни работи останува цврсто посветено на континуирано инвестирање во знаењето, професионалноста и развојот на своите вработени, како основа за изградба на модерна, професионална и доверлива полиција, подготвена успешно да одговори на сите современи безбедносни предизвици.

Можете да прочитате

Додека други напредуваат кон ЕУ, Македонија останува во изолација, велат од СДСМ

ВЛЕН: Беким Сали ја претставуваше државата меѓу европските државници во Париз

Уапсен нарко дилерот кој побегна од полициската станица во Кочани