Утрински Весник
Економија

Зголемувањето на платите во фокусот на политичките препукувања

1708002705 Whatsapp Image 2023 01 22 At 23.22.13.jpeg

Власта и опозицијата со спротивставени ставови околу барањата на синдикатите за зголемување на платите. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е подготвен да разговара со синдикатите и дека поголеми плати ќе има тогаш кога за тоа ќе има услови, додека за лидерот на опозицијата Венко Филипче, барањата за зголемување на платите потекнуваат од работниците, а власта не знае како да ги исполни овие барања.

Премиерот Мицкоски вчера во изјава за медиумите рече дека со ребалансот на Буџетот се предвидени сите покачувања и усогласувања што претходно биле усогласени со синдикалните организации, а со буџетот за следната година, како Влада се подготвени да разговараат со синдикатите и да најдат решенија.

– Јас сум прв кој ќе поддржи нешто за кое што има основа, нешто за кое што навистина е потребно да се поддржи. Ве молам за трпение, заедно ќе седнеме и ќе најдеме решение, рече Мицкоски, кој  повтори дека се јавува сомнеж дека зад барањата за зголемување на платите има многу повеќе политика, отколку барања за работниците.

Ако објективно ги гледате пораките што во јавноста се присутни, рече Мицкоски, ќе видите дека по претседателот на Синдикатот реагира претседателот на СДСМ и тоа дава една доза на сомнеж.

– Јас не велам дека тие се координирани, но чудно е како утринските соопштенија од СДСМ кореспондираат со ставовите на претседателот на Синдикалната организација, која што патем речено имаше можност кога беше СДСМ движечка партија во Владата да потпише колективен договор, па потоа видовме како на отворена сцена беше изигран, рече Мицкоски.

Лидерот на СДСМ, пак, вчера во изјава дадена во Струмица, рече дека барањата за зголемување на платите потекнуваат од работниците, а не од СДСМ и дека премиерот тоа треба добро го знае.

– Освен што тоа треба добро го знае, треба да знае како да испланира за да ги зголеми платите на работниците, а не да продолжи со политика од едно минато време, минато владеење на ВМРО ДПМНЕ, кога Северна Македонија беше рај за евтина работна сила, рече Филипче, додавајќи дека СДСМ во време на три последователни кризи успеале да ги зголемат платите.  

Според Филипче, поврзувањето на барањата на синдикатот со опозицијата е навреда и понижување за сите работници и обид да се дефокусира јавноста од, како што рече, огромните скандали што и се случуваат на Владата од самиот почеток на работењето.  

Сојузот на синдикати на Македонија уште пред парламентарните избори најави дека од новата Влада ќе бара во првите 100 дена зголемување на минималната плата на 450 евра. 

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на 21 овој месец на прес-конференција рече дека во минималната плата во земјава е најниска во регионот и дека е неопходно зголемување на минималецот во износ од најмалку 450 евра посочувајќи дека синдикалната минимална кошничка од декември е зголемена за 4.600 денари, а инфлацијата во првите шест месеци е 3,65 отсто.

– Додека ние разговараме дали треба да се зголеми минималецот во Македонија, државите од регионот го зголемуваат со забрзано темпо, па така, реперот Црна Гора, каде што имаше 450 евра минимална плата, во наредниот период ќе има 600 евра плата за вработените со основно и средно образование, додека  за вработените со високо образование до 800 евра минимална плата. Во Бугарија минималната плата изнесува 500 евра, нашите колешки и колеги од Србија преговараат за 500 евра минимална плата и сметаме дека не смееме да си дозволиме како општество, како држава, како работници, како синдикати, да дозволиме нашите работници да бидат најниско платени и повторно Македонија да биде елдорадо како 2008 година за странски компании кои сакаат да го експлоатираат македонскиот работник, посочи Трендафилов.

Можете да прочитате

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството

Денови на финансиска писменост – 24info.mk