Утрински Весник
Балкан

Коринтскиот канал повторно отворен за пловидба

Image 2026 06 17 175203955.png

Коринтскиот канал, што го дели полуостровот Пелопонез од континентална Грција, од денеска е повторно отворен за пловидба во пресрет на туристичката сезона, а по речиси осум месеци работа за санација на косините и заштита од одрони.

Коринтскиот канал најчесто во текот на зимскиот период е затворен за пловидба и се изведуваат работи на косините на каналот за да се избегнат одрони, а од надлежната компанија соопштија дека е постигнат значителен напредок на работите за санација на критичниот дел од проектот.


– Имајќи ја предвид важноста на каналот за пловидбата, туризмот и локалната економија во текот на летниот период, одлуката е донесена по систематска процена на напредокот на работите и завршувањето на главниот дел од клучните интервенции за санација и стабилизација на падините, што овозможува безбедно повторно отворање на каналот, информираа од компанијата што управува со Коринтскиот канал.

Тие додадоа дека главните работи поврзани со безбедното функционирање на каналот се успешно завршени, со што се обезбедуваат неопходните услови за негово работење во целосна согласност со важечките стандарди за безбедност и оперативно функционирање.

Од 2021 година се изведуваат работи за зајакнување на безбедноста и стабилноста на косините на каналот, откако имаше одрони на камења и мали свлечишта и затоа во текот на зимскиот период е затворен.

Коринтскиот канал, изграден во периодот од 1880 до 1893 година го поврзува Коринтскиот Залив во Јонското Море со Саронскиот Залив во Егејско Море и го одвојува Пелопонез од континенталниот дел на Грција.

Вкупната должина на Коринтскиот канал е 6.343 метри, длабочината е осум метри, максималната безбедна ширина за пловидба е 24,6 метри на површината на морето и 21 метар на дното, додека, пак, максималната безбедна висина за пловидба е ограничена на 52 метри поради мостовите над каналот.

Можете да прочитате

Руте: Се намалува бројот на војници на КФОР

Разбиена албанска меѓународна група која од Латинска Америка прошверцувала тони кокаин, парите вложувани во Албанија, запленет милионски имот

70 годишен маж од Македонија спасен од давење во Неи Пори