Утрински Весник
Македонија

Во пресрет на изборната година: време е пензионерите да бидат прашани

04 1.jpg

Пишува: Мирослав Трлин, димпломиран економист во пензија

Изборната година што ни претстои е добра можност не само да избереме нови луѓе на одговорни места, туку и да си поставиме едно поважно прашање: каква пензионерска организација сакаме да имаме и каква организација сакаме да им оставиме на идните генерации пензионери? Ова прашање не го поставувам против Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ), ниту против општинските здруженија на пензионерите. Го поставувам како нивен член и како пензионер кој смета дека организацијата што постои заради своето членство треба да му биде блиска, разбирлива, достапна и одговорна.

Пензионерските здруженија имаат важна општествена улога: заштита и унапредување на интересите на пензионерите, меѓусебна солидарност, културни, спортски и хуманитарни активности и застапување на интересите на членството. Но, токму затоа треба да се постави прашањето: дали пензионерот во нив е навистина активен член или премногу често останува само бројка во членството и редовен уплатувач на членарина?

Членството само по себе не е доволно. Ако сум член, имам право да знам кои се целите на организацијата, кој одлучува, како се трошат средствата и какви резултати се постигнуваат. Ако плаќам членарина, природно е да прашам каков ефект има таа. Ако сум член, треба да имам право да предложам, да бидам информиран, да учествувам во изборот и, доколку ги исполнувам законските и разумните услови, да бидам кандидат. Тоа не е привилегија, туку суштина на членството во едно граѓанско здружение.

Тука се отвора и прашањето: како пензионерот станува член на пензионерското здружение? При остварувањето на правото на пензија, преку постапката во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, пензионерот со лична изјава дава согласност за издвојување средства за Солидарниот фонд и за членарина во пензионерското здружение. Ако со една таква изјава практично се поврзуваат две различни работи – членувањето во граѓанско здружение и учеството во Солидарниот фонд – тогаш се поставува едно едноставно, но суштинско прашање: дали пензионерот треба одделно и јасно да одлучи дали сака да биде член на здружение, дали сака да учествува во Солидарниот фонд, дали сака и двете, или не сака ниту едното?

Солидарноста меѓу пензионерите не ја доведуваме во прашање. Таа е вредност која треба да се зачува. Но солидарноста и членството не мора да бидат едно исто прашање. Ако станува збор за две различни права и интереси, логично е граѓанинот да има јасен и личен избор за секоја од тие одлуки.

И токму затоа не треба да се плашиме од преиспитување на постојниот модел. Систем што постои со децении не станува недопирлив само затоа што долго функционира. Напротив, секој систем што опфаќа голем број граѓани, располага со средства и влијае врз остварувањето на нивните интереси треба повремено да се преиспита и усовршува.

Истото се однесува и на Статутот на СЗПМ. Во него се определени целите и начинот на дејствување на Сојузот, како и прашања поврзани со функционирањето на пензионерските здруженија. Затоа треба да се постави прашањето дали сите статутарни решенија се целосно усогласени со Законот за здруженија и фондации, особено со принципите на слобода на здружување, доброволност на членството, еднаквост на членовите и автономија на здруженијата.

Се поставува прашањето дали со Статутот се воведени услови и ограничувања кои немаат непосредна законска основа и со тоа се излегува надвор од рамката што ја поставува Законот за здруженија и фондации.

Ова не треба да се сфати како напад кон СЗПМ. Напротив, усогласувањето на Статутот со законската рамка би било во интерес и на Сојузот и на неговите членки. Особено заслужуваат преиспитување условите за организирање и регистрирање пензионерски здруженија, условите за кандидирање и избор на раководни лица и сите други ограничувања што можат да влијаат врз еднаквото учество на членовите.

Ако сакаме демократска организација, не е доволно само да имаме избори. Важно е членовите да имаат вистински избор. Затоа треба да се размисли за јавни повици за кандидатури, право на самокандидирање, претставување на програмите и навремено информирање на членството. Членот треба да знае кого избира, што предлага кандидатот и за што ќе биде одговорен ако го добие мандатот.

И тука доаѓаме до улогата на СЗПМ. Во својот Статут Сојузот има утврдено цели да ги претставува интересите на пензионерите пред државните институции, да ги следи нивните права, да го унапредува организирањето на здруженијата, да ја координира нивната работа, да соработува со институциите и да обезбедува јавност и отчет во својата работа. Оттука произлегува потребата јасно да се разграничи координацијата од централизираното управување.

СЗПМ треба да биде силен сојуз на здруженијата и нивен заеднички претставник – координатор, а не командант. Неговата сила не треба да произлегува од тоа колку може да управува со своите членки, туку од тоа колку успешно може да ги обедини околу заедничките интереси и да обезбеди демократско, транспарентно и одговорно функционирање. Силата на Сојузот треба да доаѓа од довербата на членството.

Посебно внимание заслужува управувањето со средствата од членарината и издвојувањата за Солидарниот фонд. Членството има право да знае колку средства се собираат, како се управува со нив, кој врши контрола, за што се употребуваат и какви резултати се постигнуваат. Транспарентноста не е непријател на организацијата, туку услов за доверба.

Ако во Статутот се наведува дека СЗПМ остварува јавност и отчет во работата, тогаш тие не треба да останат само статутарни зборови. Членот не треба да дознава што работи неговото здружение само кога ќе дојде време за избори. Тој треба да биде информиран и да има можност да учествува во текот на целиот мандат.

Затоа изборната година може да биде многу повеќе од промена на имиња на раководни места. Таа може да биде прилика за преиспитување на начинот на кој функционира целата пензионерска организација. Наместо да се прашуваме само кој ќе биде избран, треба да се прашаме со каква програма ќе биде избран, како ќе му одговара на членството и на кој начин членовите ќе можат да го следат остварувањето на ветеното.

А ова прашање не се однесува само на денешните пензионери. Идниот пензионер има право да праша: Дали и јас, кога ќе станам пензионер, морам да го прифатам истиот модел или ќе имам право на сопствен избор? Тоа е прашање што денес треба да го поставиме ние, за да не мора утре да го поставуваат оние што доаѓаат по нас.

Ова не треба да биде повик за поделби, туку за поголемо учество; не повик против пензионерските здруженија, туку за нивно зајакнување; не повик за рушење на постојното, туку за негово подобрување таму каде што времето покажало дека се потребни промени. Пензионерите не треба да бидат само статистика во бројот на членови, ниту само оние од чии пензии редовно се издвојуваат средства. Тие треба да знаат во каква организација членуваат, што таа работи, како ги троши средствата, кои цели ги остварува и кој ја носи одговорноста за резултатите.

Затоа, во пресрет на изборната година, можеби најважното прашање не е само кого ќе избереме, туку каква организација сакаме да имаме и кому сакаме да му ја довериме. Време е пензионерските здруженија навистина да дојдат во рацете на своето вистинско членство, а не членството да остане само бројка во списоците и уплатувач на членарина. Кога членовите ќе почувствуваат дека нивниот глас се слуша, дека имаат право на избор, дека знаат како се работи и за што се трошат средствата и дека можат активно да учествуваат во креирањето на својата организација, тогаш нема да има потреба ниту од условување, ниту од прозивање, ниту од повикување на членство само кога тоа некому му е потребно. Ќе има нешто многу поважно – вистински заинтересирани членови кои доброволно ќе учествуваат, ќе предлагаат, ќе избираат и ќе придонесуваат. А такво членство не е товар за едно здружение, туку неговата најголема сила. Тогаш и успехот на здруженијата нема да се мери само според бројот на членови, туку според довербата, активноста и резултатите што ги постигнуваат за оние поради кои постојат.

Можете да прочитате

Три српски државјани повредени во сообраќајка на патот Прилеп – Битола

Во тек е спасувачка акција на Пелистер

Уапсени 16 возачи, 10 возеле пијани, а шест без возачка дозвола