
Во Кочани денеска се одржа педесеттиот „Марш на ангелите“. Родителите, вообичаено Маршот го започнаа од „Паркот на Револуцијата“, а го завршија пред Судот, со попатни станици во Трговскиот центар, пред зградата на Управата за јавни приходи и пред Полициската станица.

Александар Наунов, татко на починатата Надица, и претседател на Здружениетона граѓани „16 Март 2025 Кочани“, од Трговскиот центар рече дека тие не бараат пресуда од улица, туку редовно закажување на рочиштата, а секое одлагање јасно и јавно да се образложи.
-Ние родителите и семејствата бараме интензивно судење со над 10 рочишта месечно, децидно истакна Наунов. Нашите деца, насилно одземени од нас, нема да се вратат, но вистината и правдата не смеат да изостанат, додаде претседателот на Здружението „16 Март 2025 Кочани“.
Пред Основниот суд и Обвинителството свое обраќање имаше и Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов, од каде побара информации за повеќе постапки и сомнежи за можни кривични дела поврзани со трагедијата од 16 март лани.Таа спомена сомнежи за даночно затајување, неправилности околу издавањето на лиценцата и евентуално фалсификување исправа, давање поткуп и давање награда за противзааконито влијание. Посочи и на предистражните постапки поврзани со УЈП и Државниот инспекторат за труд.
Блажева од Обвинителството побара јавно да појасни кои постапки се водат, против кого, за кои кривични дела и до каде е нивната реализација.
-Бараме институциите да постапуваат и да дадат одговори. Правдата мора да важи за сите, порача Блажева, сестра на настрадано момче во пожарот во „Пулс“.
Речиси година и пол подоцна, семејствата на настраданите продолжуваат да протестираат и да бараат целосно расчистување на случајот и одговорност од надлежните институции.


