
Наместо политичките партии да се препукуваат околу АТС Груп и ангажирањето лобисти во Вашингтон, треба да се запрашаат колку компании од Македонија воопшто успеале да стигнат до американскиот пазар и до највлијателните деловни и политички кругови во САД.

Лобирањето во Америка не е тајна или забранета активност. Тоа е легален и јавно регистриран инструмент преку кој компаниите ги промовираат своите интереси пред американските институции. Ако тие активности истовремено придонесуваат Македонија да се претстави како сериозен економски, безбедносен и стратешки партнер, тогаш државата има корист без оглед на тоа која политичка партија е на власт.
Секако дека мора да има целосна транспарентност за тоа кој плаќа, кого застапува и за кои теми лобира. Но транспарентноста е едно, а обидот секој деловен успех да се претстави како политички скандал е нешто сосема друго.
АТС Груп, предводена од Шефшет Демировски, денес е македонска компанија присутна во десетици држави и на повеќе континенти, со стотици вработени и производство на балистичка опрема, муниција и технологии за одбранбената индустрија. Компанијата најави и инвестиција од 100 милиони долари во производствен капацитет во Тексас, наменет првенствено за американскиот пазар.
Тоа не е мала работа за компанија што потекнува од Македонија.
Особено не треба да се заборави значењето на фабриката во Самоков за Македонски Брод. Народски кажано, таму работи и од фабриката живее цел еден град – не само преку стотиците директно вработени, туку и преку нивните семејства, локалните добавувачи, превозници, трговци и целата економија што се движи околу производството.
Во држава во која цели региони се празнат, а младите заминуваат поради недостиг од работа, компанија што создава индустриски работни места во Македонски Брод треба да се чува, поддржува и поттикнува дополнително да инвестира.
Успехот на АТС не започнал со една влада и не треба да заврши со друга. Компанијата соработувала и добивала поддршка од различни влади и министри. Така и треба да биде. Одбранбената индустрија, извозот, новите фабрики и отворањето странски пазари не смеат да зависат од партиската книшка или од тоа кој моментално седи во Владата.
Никој не тврди дека една приватна компанија работи без сопствен деловен интерес. Нормално е да има интерес – затоа постои бизнисот. Но кога интересот на домашна компанија носи извоз, инвестиции, нова технологија, меѓународно позиционирање и егзистенција за стотици македонски семејства, тогаш тој интерес може да се совпадне и со интересот на државата.
Наместо расправата да се сведе на тоа кој политички ќе го присвои успехот, треба да разговараме како Македонија да создаде уште десет компании како АТС Груп.
Како да отвориме повеќе квалитетни работни места? Како домашните компании да влезат во синџирите на НАТО и американската индустрија? Како да донесат капитал, знаење и нови производствени технологии во Македонија?
Шефшет Демировски и АТС Груп не треба да бидат ниту партиски трофеј ниту партиска мета. Тие треба да бидат пример дека и компанија од мала држава може да стане меѓународен индустриски играч.

За такви успеси треба да постои контрола и транспарентност, но пред сè треба да постои национална гордост.


