Утрински Весник
Македонија

Тркалезна маса во Собранието: Насилството врз жените во политиката – предизвик за демократското општество

Image 2026 09 24 171456866.png

Во Собранието денеска се одржа вториот ден од тркалезната маса за унапредување на родовиот паритет и борба против дигиталното насилство врз жените во политиката во Северна Македонија, посветена на сексизам, вознемирување и насилство врз жените во Парламентот.

Настанот го отвори модераторот Даниел Ѓоќески, едукатор и службеник за организирани посети при Парламентарниот институт на Собранието.


Во своето излагање, Зеина Хилал, претставничка на Интерпарламентарната унија (ИПУ), истакна дека жените и понатаму се соочуваат со предизвици при вклучувањето во националните парламенти, но дека предизвиците не завршуваат со нивното стапување на јавна функција. Напротив, различните форми на психолошко, социјално и економско насилство продолжуваат и во текот на нивниот мандат. Таа ја презентираше анализата во која биле опфатени 123 пратенички од целиот свет, со фокус на искуствата и формите на психолошко, социјално и економско насилство со кои се соочуваат жените додека извршуваат јавна функција.

Пратеничката Лидија Петкоска, членка на Собраниската комисија за еднакви можности на жените и мажите, истакна дека учеството на жените во политичкиот живот е значаен предуслов за демократско и инклузивно општество. Таа се осврна и на улогата на социјалните мрежи, кои, како што посочи, од една страна овозможуваат поголема видливост и директна комуникација со јавноста, но од друга страна претставуваат простор каде што жените во политиката често се соочуваат со говор на омраза, лични напади и напади насочени кон нивните семејства.

Во контекст на унапредувањето на родовата еднаквост, Петкоска посочи дека Собранието има донесено Акциски план за 2025 – 2027 година за рамноправност, како и работна група за следење на неговата реализација и примена. Осврнувајќи се на улогата на медиумите, Петкоска нагласи дека е потребно професионално и одговорно известување.

Во продолжение на дискусијата, Савка Тодоровска од Националниот совет за родова еднаквост, истакна дека дигиталното насилство има за цел да ги одврати жените од учество во јавниот живот и политичкото дејствување. Таа посочи дека е потребен соодветен институционален одговор, имајќи предвид дека жените поради различните форми на насилство се приморани да се откажат од кандидатура или да ја напуштат политиката.

Драгана Каровска-Чемерска, претставничка на невладината организација „ХЕРА“, нагласи дека жените со самата одлука да се вклучат во политиката честопати се соочуваат со повисока цена.

„Денес дигиталниот простор е главниот канал на насилство. Жената можеби има знаење, потенцијал и желба за успех во ова поле, но преку насилството, граѓаните губат избор“, истакна Каровска-Чемерска.

На правниот аспект на проблемот се осврна Илија Милчевски, истражувач во Парламентарниот институт на Собранието. Тој посочи дека со различните облици на насилство врз жените во политиката се повредуваат и основните човекови права. Милчевски ја истакна и важноста на улогата на граѓанските организации во унапредувањето на правната рамка во оваа област, нагласувајќи дека нејзиниот развој треба континуирано да ги следи потребите на сите граѓани и да обезбеди соодветна заштита од различните форми на насилство.

Учесниците разгледаа и примери од други земји, како и нивни искуства, успеси и предизвици во изработката и спроведувањето закони и мерки за спречување и справување со насилството врз жените во политиката и во парламентот, а свое излагање имаше Агата Валчак, специјалистка за демократски институции и процеси, Програма за развој на Обединетите нации (УНДП).

Можете да прочитате

Германец ограбен на кејот на Вардар, му одзеле ранец со лаптоп и телефон

Клековски: Ја поздравувам одлуката на Уставниот суд за дополнителната работа на докторите

Во Македонија повторно ја правиме истата грешка: Домашниот успех го претвораме во партиска муниција