
Министерот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција изјави дека ја поздравува одлуката на Уставниот суд и смета дека кон дополнителната работа на докторите треба да се пристапи принципиелно.

Тој беше прашан околу тоа што Уставниот суд ја отфрлил иницијативата за дополнителната дејност на докторите, со издвоено мислење на одредени судии дека сепак треба од страна на Министерството за здравство поголема контрола, во однос – докторот дали го препраќа пациентот којшто чека во термин практично, на приватно по работно време, па дали се размислува за некоја законска промена, дали се вршат контроли, како и што покажуваат тие контроли.
Министерот се осврна на претставката, со која рече се барала забрана за дополнителна дејност во јавната здравствена установа во која работи докторот или во друга јавна здравствена установа, а не барала забрана во приватни здравствени установи.
- Мислам дека кон дополнителната работа треба да пристапиме принципиелно. Посебно морам да нагласам – работа во други јавни здравствени установи, сега е модел на кој одржуваме функционирање на неколку болници. Значи, анестезиолози од Скопје работат дополнително во Куманово, во Кавадарци, гинеколози од Скопје работат во Кавадарци, така што мислам од моја страна, оваа одлука е за поздравување. Тоа што секако го примивме како задача дека во моментот законските одредби што се предвидени не се почитуваат, а во многу сегменти се нејасни во однос на спроведувањето. Ниту е јасно во кои дејности може да се одвива, ниту кои се потребните услови, и повеќе работи. И ќе работиме со следната измена на Законот за здравствена заштита да имаме едно сеопфатно, транспарентно решение. Велам со следната измена на Законот за здравствена заштита, бидејќи во оваа измена што треба да биде многу брзо, работиме на измени во концептот на вработување со цел понатаму да се зајакне мерит-системот на вработување и да се елиминираат можностите за фаворизам од било кои причини – рече министерот.
Клековски нагласи дека тие тоа ќе го направат доста транспарентно, со спроведена компаративна студија.
– Можам да кажам дека слична одлука донесе и Уставниот суд на Словенија. Таму со закон беше забранета дополнителната дејност од претходната Влада, а Уставниот суд смета дека таа забрана така како што е формулирана не може да опстане, треба да биде јасно што точно е забрането. Ќе ги споредиме тие искуства и да видиме кој е најдобриот начин. Значи, покрај тоа што во моментот дел од нашите општи болници функционираат со позајмени доктори – условно да кажам – од клиниките од Скопје, сметам дека дополнителната работа мора да остане како мотив за најдобрите доктори да останат во јавното здравство, бидејќи ние мораме да најдеме начин да ги задржиме најдобрите во јавното здравство – истакна Клековски.
Тој потенцираше дека тоа не значи нетранспарентност на листите на чекање.
- Тоа не значи нетранспарентност на листите на чекање, не значи – нема термин за тебе наредните три месеци во редовна листа, ама утре ќе добиеш термин на дополнителна листа – не значи целата наплата да оди на сметка на тимот без соодветно надоместување на реалните трошоци направени во болницата, така што, имаме доста за подобрување во тој дел. Морам да кажам дека со измени на законот од група пратеници во 2023 година, одлуката за дополнителна дејност е на ниво на управен одбор на јавната здравствена установа и дека е укината обврската да се известува Министерството за здравство во кои дејности и кои доктори вршат дополнителна работа, што е исто така еден сегмент што е неприфатлив – бидејќи мора да е транспарентно кој доктор каде работи дополнително, од повеќе причини – додаде министерот.
Тој беше прашан и дали има засилена контрола на боледувањата кај матичните лекари, особено кај полицијата.
– Сега, контролите на боледувањата се во Фондот за здравствено осигурување. Ова е прашање за Фондот за здравствено осигурување, можам јас да кажам дека додека бев директор на Фондот за здравствено осигурување, најголем дел од проверките беа во јавниот сектор – и тоа во полиција, одбрана и царина. Делумно затоа што кај дел од овие сектори, колективните договори предвидуваат 100 проценти надомест за време на боледување, додека најголем дел од приватните сектори се со 70 отсто надомест на плата – и ваквиот начин на надомест поттикнува – условно да кажам – боледување, бидејќи не губите ништо од платата ако сте болен. Јас како директор на Фондот за здравство, објавивме еден извештај за контролите во МВР со значителен степен на проблеми во издавањето на боледувањата и во основа реформите за системот на боледување беа поттикнати токму од наодите на овие контроли. На 20 јули оваа година имаше една работилница каде што заедно со сите чинители, вклучувајќи ги синдикатите, ние ја отворивме оваа расправа, ги гледавме моделите на Словенија и на Србија како регионални примери – и тој процес ќе оди кон зголемување на контролите. Целта не е да се казнат тие кои навистина имаат потреба од боледување, туку да се спречат злоупотребите на боледувањето – потенцираше министерот за здравство.
На прашање дали со скратување два дена ќе се спречат злоупотреби, Клековски одговори дека не е предвидена само таа промена.
– Не е само таа промена. Ако во медиумите тоа беше елементот што се опфати, тој е само еден. Треба да знаете дека пет дена е боледување без никаков доказ – значи само врз основа на телефонски разговор. Да, затоа што се скратува времето по кое треба да се докаже. Ќе треба да се направи лабораторија, ќе треба да се направи друг преглед – значи скратувањето повлекува други граници каде што почнува да важи медицина заснована на доказ – дециден беше министерот за здравство Сашо Клековски.


