Утрински Весник
Македонија

(Видео) Спасовски: 45 години високо образование за безбедност, со научни резултати до заеднички одговор на безбедносните предизвици

(Видео) Спасовски: 45 години високо образование за безбедност, со научни резултати до заеднички одговор на безбедносните предизвици

Министерот за внатрешни работи, денеска, во Струга ја отвори 13. меѓународна годишна конференција на Факултетот за безбедност – Скопје, која оваа година е во чест на 45 години високо образование во областа на безбедноста и постоење на Факултетот за безбедност, на тема што се занимава со образовните предизвици и перспективите за безбедноста.

dobivaj vesti na viber

„Четири и пол децени егзистирање на оваа високообразовна институција, од оваа дистанца, барем за мене, значат: голем самопрегор, истрајност, научно љубопитство, истражувачка дејност и, секако, воспитување и образование на генерации и генерации академски граѓани. Но, ваквиот курикулум, сепак, не би бил целосен доколку не се споменат мноштвото научни и стручни трудови од областа на безбедноста или, пак, активната експертска партиципација во многуте нормативни и практични решенија според кои денес функционира институционалниот дел на системот што ја третира проблематиката на безбедноста“, потенцира министерот Спасовски на почетокот на своето обраќање.

Тој како особено важен го истакна податокот дека во изминатите 12 години на конференцијата присуствувале повеќе од 850 професори, истражувачи и практичари од сите континенти во светот, од повеќе од 40 држави, а објавени се повеќе од 1.000 научни труда, а само оваа година се објавени 45 научни труда од автори од 12 земји.

„Неоспорно е дека науката е мотор на практиката, стожер без чии научни докази и достигнувања е невозможен каков било прогрес. Безбедносната сфера, пак, по својата општествена, цивилизациска, па ако сакате и техничка интерактивност, претставува посебен научен предизвик. Специфичноста и неоспорната динамичност на овој сегмент, кои се тесно поврзани со севкупниот брз општествен развој, произведуваат нови прашања и дилеми. Не само од аспект на процена и превенција на безбедносните ризици туку и од аспект на организациското и нормативното устројство, техничката и едукативната поставеност, соработката и координацијата, како институционална така и регионална и глобална, во спротивставувањето кон безбедносните предизвици“, рече Спасовски додавајќи дека одлуките што не се базирани врз стручните експертизи по правило се лоши одлуки, а времето тоа секогаш го докажува.

Министерот Спасовски го истакна фактот што на годинешната конференција се присутни научни работници и истражувачи од повеќе од 20 земји, кои низ мноштвото добри практики и искуства ќе придонесат за доаѓање до заеднички одговори на заедничките безбедносни предизвици, а научните резултати и заклучоци до кои ќе дојде конференцијата ќе бидат разгледани со должно внимание од страна на МВР, со цел нивна имплементација во секојдневното полициско работење.

Спасовски, како посебен доказ за партнерството на Министерството и Факултетот за безбедност, покрај континуираната соработка на голем број проекти, го истакна и возобновувањето, по прекин од повеќе од две децении, на меѓународното научно списание на МВР – „Безбедност“, во кое се објавуваат истражувачки трудови преку кои научно се насочуваат плановите и приоритетите за работата на полициската служба во државата.

Можете да прочитате

Приведено и трето лице за убиството на докоторот пред поликлиниката во Железара

Тројца полициски службеници за несовесно работење во службата заработија кривични пријави 

Кривична пријава заработи лице кое заградило државно замјиште кај Бит Пазар и си наплаќал „арач“