Дописникот на „Киев пост“ Џејсон Џеј Смарт на Твитер објави видео на кое се гледаат човечки черепи и коски кои датираат од Втората светска војна.
„По експлозијата на браната Каховка, поттикната од Русија, која предизвика истекување на водата до дното на акумулацијата, пронајдени се човечки остатоци од Втората светска војна“, напиша Смарт во објавата.
На видеото се гледаат човечки черепи во песок, од кои на некои сè уште има воени шлемови. Се додава дека во близина веројатно има уште многу човечки останки од времето кога Советите ја уништиле браната Запорожје во 1941 година.
World War II Remains Found
After the explosion of the Kakhovskaya Dam, by Russia 🇷🇺, which caused the water to empty to the bottom of the reservoir, human remains of people from the Second World War were found. pic.twitter.com/4EiKWZ2GKk
— Jason Jay Smart (@officejjsmart) June 11, 2023
Таа година, додека нацистичките трупи дивееја низ Украина, тајната полиција на Јосиф Сталин ја разнесе хидроелектричната брана Запорожје за да го забави нивното напредување. Експлозијата ги поплави селата покрај реката Днепар и загинаа илјадници цивили.
„Бидејќи во тоа време не беше објавен официјален биланс на загинати, проценките се многу различни. Повеќето историчари проценуваат меѓу 20.000 и 100.000 врз основа на бројот на луѓе кои живееле во поплавените области во тоа време“, пишува Смарт.
Браната Каховка беше пробиена минатата недела, предизвикувајќи големи поплави на југот на земјата. Поплавата зафати околу 596 квадратни километри од двете страни на реката Днепар.
Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за уривањето на браната. Експертите веруваат дека намерна експлозија во внатрешноста на браната најверојатно била причина за нејзиното уривање.