
Новинарката Наталија Јосифоска, која е родена со спина бифида, во обемен и емотивен статус на Фејсбук го опиша своето искуство со домашниот здравствен систем, од обидите да обезбеди операција во странство до трошоците за рехабилитација и проблемите со добивањето извештај од магнетна резонанца.
Таа упати остри критики до Фондот за здравствено осигурување и до Сашо Клековски, прашувајќи како било проценето дека сложената операција може да се изведе во земјава, ако сега, според нејзиното сведоштво, не добива јасен одговор кој ќе ги прочита снимките од нејзиниот ’рбетен мозок.
Јосифоска наведува дека уште од детството од лекарите слушала дека во Македонија е направено сè што можело да се направи за нејзината состојба. Како што пишува, ѝ било кажувано дека, доколку некогаш реши повторно да се оперира, веднаш ќе добие препорака за операција во странство.
Но, пред една година дошол моментот кога, според нејзините зборови, морала да избере сложен оперативен зафат за да ја зачува способноста за движење. Истовремено, како што објаснува, и самата операција носела ризик да остане парализирана во сите екстремитети.
„За да не ја изгубам способноста да се движам целосно, морав да соберам сили и да ризикувам уште една потполно комплицирана операција која исто така можеше да ме остави парализирана во сите екстремитети. И тука почна патешествието“, пишува Јосифоска.
Според нејзиното сведоштво, кога започнала постапката за лекување, дел од лекарите во Клиничкиот центар ѝ кажале дека можат да ја оперираат во земјава и дека имаат искуство со такви случаи. Таа, сепак, изразува сомнеж во таа процена, наведувајќи дека дел од лекарите на кои им се обраќала не биле запознаени со нејзината конкретна дијагноза.
Од друга страна, како што пишува, имало и лекари кои отворено ја советувале да бара решение во Турција, предупредувајќи ја дека случаите со кои се споредувала нејзината состојба не биле соодветни на сложеноста на нејзиниот проблем.
„За среќа, сè уште постојат и совесни доктори кои отворено ми кажаа: ‘Барај го патот за Турција, ова што ти го кажуваат не е ни приближно слично со твојот случај’, ама комисијата одлучи сепак можат да оперираат овде“, наведува таа.
Јосифоска тврди дека поседува и писмена препорака за операција во Турција. Според нејзиното пренесување на документот, причините биле исцрпените можности за решавање на проблемот во државата и големиот ризик од неуспех при изведување на сложениот зафат поради недостиг од соодветен кадар и опрема.
Таа додава дека и денес, кога лекари ќе дознаат дека приватно се оперирала во странство, ја прашуваат дали воопшто има некој во земјава што ја изведува таквата операција.
Во Турција, како што раскажува, добила охрабрувачка процена од хирург за кого наведува дека има искуство со илјадници слични операции. Но, според нејзиниот статус, Фондот одбил да го покрие лекувањето во странство со образложение дека зафатот може да се направи во Македонија.
„Од Фонд за здравствено осигурување, што го плаќаме цел живот, ми рекоа: Ние не можеме да покриеме операција во странство кога овде може да се направи“, пишува Јосифоска.
Соочена со потребата да ја направи операцијата, размислувала и за собирање донации. Сепак, како што наведува, со своите блиски успеала да ги обезбеди потребните средства и заминала на лекување во Турција.
Операцијата, според нејзиното сведоштво и зборовите на хирурзите во Турција, поминала подобро од очекуваното. Но, проблемите поврзани со состојбата што ја посочува како „tethered cord“ не завршиле со оперативниот зафат.
Јосифоска објаснува дека за закрепнување на засегнатите нерви ѝ била потребна физикална рехабилитација во траење од најмалку една година. Веднаш по враќањето почнала да бара начин да ја обезбеди терапијата преку здравствениот систем, но, како што пишува, наишла на нова пречка.
Според нејзините наводи, не ѝ било одобрено ниту 30-дневно рехабилитациско лекување, кое следи по закон за секој државјанин на Македонија кој е подложен на оперативен зафат. Таа тврди дека како образложение ѝ било кажано дека нема податоци оти е оперирана, бидејќи операцијата била направена приватно во странство, без покритие од Фондот.
Поради тоа, продолжила со приватна рехабилитација, а потоа повторно се обидела да обезбеди упати со кои барем дел од терапијата би бил покриен од страна на Фондот за здравствено осогурување.
За жал и тука, според нејзиното сведоштво, добила одговор дека не може да добива упат секој месец, туку еднаш на три месеци бидејќи такви се законските акти во државава кога е физикалната терапија во прашање, бидејќи повеќето пациенти добиваат третнам од 10 до 20 дена, што не е случај и за неа. Јосифоска наведува дека таквата динамика не одговарала на нејзината потреба за континуирана рехабилитација од најмалку една година, па морала повторно самостојно да ги плаќа третманите, чии дневни трошоци, како што пишува, се мерат во илјадници денари.
„Пак реков, ок, тоа е што е, сакам да одам што е можно понормално, морам да продолжам со терапијата колку и да чини… Ама денес се прели чашата!“, наведува таа.
Непосредниот повод за нејзината јавна реакција било снимање со магнетна резонанца, речиси половина година по операцијата. Како што објаснува, контролата требало да покаже дали повторно дошло до слепување на нервните структури, можност за која била загрижена во текот на закрепнувањето.
Според нејзиниот опис, откако вработените што го вршеле снимањето се запознале со нејзината здравствена состојба, изразиле загриженост кој ќе може да ги прочита снимките. Таа наведува дека веднаш ѝ ги дале за самата да побара некој друг што ќе ги протолкува.
На прашањето кога ќе бидат готови резултатите, како што пишува Јосифоска, добила одговор: „Ааа, тоа не знаеме, кога ќе се најде некој што ќе знае да ги прочита“.
Таа додава дека и друга вработена зачудено ја прашала дали некој од Клиниката ќе ги чита снимките. Ова искуство го спротивставува на претходната процена дека операцијата може да се направи во домашните здравствени установи.
„Моето прашање до Фондот и господинот Сашо Клековски е како тоа не знаат кога и дали ќе има некој што ќе знае да ги прочита снимките, а знаеше да ме оперира?“, прашува Јосифоска.
Во статусот таа го изразува и стравот што го чувствувала при носењето на одлуката за операција, нагласувајќи дека станувало збор за нејзината подвижност и иднина.
„Знаете ли, господа, дека на 34 години ќе ме оставевте во количка и ќе ми го запревте животот само за да покажете дека имаме ‘супер здравство’?“, пишува таа.
Јосифоска се повикува и на разговор со докторот Лозанче, за кого наведува дека ја оперирал првпат кога била мала. Според нејзиното сведоштво, тој ја советувал да провери и во Турција дали некој ќе се нафати да го изведе сложениот зафат.
Таа раскажува дека се обидувала преку сите достапни контакти да ја објасни сериозноста на својата состојба и причините поради кои барала операција во странство. Како што наведува, се плашела да биде подложена на зафат за кој сметала дека во земјава нема доволно искуство.
Во објавата изразува чувство дека нејзините барања не биле слушнати, а дека сега повторно е оставена самата да бара решение, овојпат за стручно толкување на снимките од магнетната резонанца.
Поради сето тоа, Јосифоска бара да ѝ бидат надоместени средствата што ги платила за операцијата во Турција, како и да добие извинување за претрпените нервози и стравови.
„Јас би сакала да ми ги одобрите парите кои јас ги дадов од мој џеб за операцијата во Турција, зашто докажавте дека овде немате доволно знаење и барам извинување за претрпените нервози и стравови“, порачува таа.
Јосифоска нагласува дека во моментот зборува како пациентка, но најавува дека, кога ќе може да се врати на работа, случајот ќе го истражува и од новинарски аспект.
„Ова сега го зборувам како пациент, но верувајте, само да можам да се вратам на работа, и како новинар, и тоа како длабоко ќе ја фатам работава да ја истражувам!“, наведува таа.
На крајот од објавата упатува посебна благодарност до доктор Мичун Мичуновиќ од Охрид, кого го нарекува „единствената светла точка во државава“.
Своето сведоштво го завршува со зборовите дека повторно ќе мора приватно да бара и да плати некој што ќе ги прочита веќе направените снимки од магнетната резонанца.
Наводите се пренесени од Фејсбук-статусот на Јосифоска.



