Утрински Весник
Свет

Венецуела половина од произведената нафта ја испорачува во САД

20260819183005 big 730x400 79.webp.webp

Околу половина од нафтата што моментално се произведува во Венецуела се извезува во САД – изјави заменик-министерот за енергетика на САД, Кајл Хауствајт, наведувајќи дека земјата дневно произведува околу 1,25 милиони барели нафта.

– Во изминатите неколку месеци повеќе од 500.000 венецуелски барели, односно приближно половина од производството на таа земја, се испорачуваат во САД, во рафинерии изградени токму за тој вид нафта – изјави Хауствајт на настан во Хјустон.

Од САД, пак, во Венецуела дневно се испорачуваат повеќе од 100.000 барели лесна нафта, којашто потоа се меша со тешката венецуелска нафта за да се олесни нејзиното производство, додаде заменик-министерот за енергетика.

– Тоа е одлично енергетско партнерство. Има смисла со оглед на растојанијата. Работиме на отворен пазар. Вистинската вредност се создава на двете страни од трговијата. Мислам дека нема поедноставно партнерство – посочи Хауствајт.

Американскиот функционер го истакна напредокот што го постигна Венецуела и нагласи дека неповредливоста на договорите ќе биде почитувана.

На американската економија ѝ се неопходни тешките фракции на венецуелската нафта, изјави на истиот настан потпретседателот на венецуелската државна нафтена компанија ПДВСА, Џовани Мартинез.

До крајот на август производството на нафта во Венецуела ќе достигне 1,245 милиони барели дневно, соопшти Мартинез. Од почетокот на годината извозот на нафта од Венецуела е зголемен за 19,7 отсто.

За производство на потешки фракции на нафта, на Венецуела ѝ се потребни средства за разредување што би требало да се произведуваат во земјата. Потребно е и унапредување, модернизирање и проширување на венецуелските рафинерии, нагласи функционерот на ПДВСА.

Тој додаде дека производството на гориво во Венецуела од почетокот на годината е зголемено за 12,9 отсто, додека домашните рафинерии сега испорачуваат 5,4 отсто повеќе гориво на домашниот пазар.

– Вложивме големи напори во енергетската реформа и сега очекуваме конкретни резултати во развојот –  рече Мартинез.

Можете да прочитате

Во Германија се признаваат се повеќе странски квалификации

Повеќе од 100 загинати при уривање на рудник за злато во Централноафриканската Република

Путин и наложи на руската влада да ги обнови складовите оштетени во украинските напади