
Пожар избувнал утрово на терасата на Одделението за ортопедија и трауматологија во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Сите пациенти од одделението биле превентивно евакуирани и згрижени, а пожарот бил изгаснат со противпожарната опрема на болницата.
Од болницата соопштија дека околу 10:35 часот вработени на првиот кат почувствувале мирис на чад и забележале дека чадот доаѓа од терасата на одделението, кое се наоѓа на вториот кат. Веднаш биле известени раководителот на одделението и тимот за евакуација, а била повикана и противпожарната служба.
Според првичните информации од болницата, можно е пожарот да бил предизвикан од отпушок од цигара. На местото каде што избувнал огнот нема електрична ниту гасна инсталација, а материјалната штета е незначителна. Точната причина и околностите сè уште се утврдуваат.
Од „8 Септември“ потврдија дека сите пациенти и вработени се безбедни и дека болницата продолжува со редовна работа.


